Макрон не издржал, го напуштил ЕУ самитот поради Македонија

Францускиот претседател, Емануел Макрон, го напуштил денешното продолжение на Европскиот совет, соочен со жестока критика од повеќемина колеги од други земји-членки поради тоа што не се согласува со одлука за отворање преговори со Северна Македонија, објавува „360 Степени“ повикувајќи се на дипломат присутен на состанокот.

Емануел Макрон на Европскиот Совет
Темата за проширувањето била повторно отворена пред лидерите на земјите-членки, при што неколкумина премиери, според изворот на „360 Степени“, лично го критикувале Макрон за „неможност да ги согледа последиците од неиспорачувањето позитивен сигнал до земјите од Западан Балкан“. Притоа, францускиот претседател се налутил и ја напуштил пленарната сала во зградата „Европа“ во Брисел.

Група земји-членки на ЕУ, предводени од Словенија и Малта и поддржани од Бугарија, доцна синоќа го блокирале предлог-заклучокот составен од Ангела Меркел, Емануел Макрон и Доналд Туск, за одлагање на одлуката за отворање преговори со Северна Македонија и со Албанија за на пролет.

Државите-пријатели на процесот процениле дека во вакви околности е подобро Самитот да заврши без заклучок.

„Ново одлагање, без јасно преземање обврска дека и во април нема да има уште едно одлагање, дополнително го нарушува кредибилитетот на ЕУ и ги обесхрабрува земјите-кандидати и нивните граѓани. Подобро да нема заклучок отколку да има лош заклучок“, коментира дипломат присутен на состанокот.

Откако вчера станало јасно дека поради Франција не поминува компромисната варијанта за почеток на преговори и паралелно воведување нова методологија, на маса се нашла идеја за давање зелено светло само за Северна Македонија, а не и за Албанија. Но, иако претходно имаше информации дека Ангела Меркел би се согласила со такво сценарио, на крај таа, Макрон и италијанскиот премиер Џузепе Конте се спротивставиле на раздвојување на двете држави. Холандија и Данска биле „за“.

Следувала пауза и заедничко пишување предлог-заклучок од Меркел, Макрон и Туск, кој во основа предвидувал одложување на одлуката за на пролет, по локалните избори во Франција закажани за март, а во меѓувреме, воведување нова методологија.

Кога предлогот бил ставен на маса пред сите лидери, жестоко се спротивставиле премиерите на Словенија и на Малта, Марјан Шарец и Џозеф Мускат, а ги поддржал и бугарскиот колега Бојко Борисов. Аргументот бил дека предлогот е исклучително лоша порака до Северна Македонија и до Албанија и дека не смее да помине. Поради тоа, рано изутрината Самитот беше прекинат без заклучок за проширувањето, а неизвесно е дали каков заклучок ќе биде усвоен денеска, пишува 360 Степени на Алсат М.

SHARE