Малески: Вархеји не носи ништо спектакуларно во Скопје!

Првиот министер за односи со странство во независна Македонија, Денко Малески, потсетува дека не треба да се очекува нешто спектакуларно од денешната посета на новиот еврокомесар за проширување, Оливер Вархеји во Скопје.

„Нормално е дека ние го дочекуваме новиот еврокомесар со надеж дека ќе нè израдува со некоја важна информација, но треба да бидеме свесни дека тој сега доаѓа во Скопје со единствена цел да се запознае со политичарите и со состојбите во Македонија. Се разбира, рамката е веќе поставена, а тоа е усвојувањето на новата методологија за проширување на Унијата, па таквото забрзување на процесите може наскоро да резултира со добивање датум. Во секој случај, не верувам дека нешто посебно може да донесе посетата на Вархеји, со оглед на тоа што големата дебата во моментов се одвива помеѓу главните земји-членки на Европската Унија. Сметам дека дури и самиот Вархеји нетрпеливо чека да ги види резултатите од таа дебата“, вели Малески за Плусинфо.

По посетата на Скопје, каде Вархеји ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со техничкиот премиер Оливер Спасовски, со собранискиот спикер Талат Џафери, како и со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, утре ќе отпатува во Тирана.

SHARE