Македонската асоцијација на новинари (МАН) најостро ги осуди заканите на денешната прес-конференција на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, кон новинари и медиуми.

„Рашковски директно го прекршува член 3 од Законот за медиуми и Уставот со кој се гарантира слободата на медиумите и што таа опфаќа.

Со овие закани, генералниот секретар на Владата врши директен политички притисок.

Македонската асоцијација на новинари (МАН) бара од генералниот секретар Драги Рашковски да престане со закани и да се повлечете од намерата за судски прогон.

Токму ваквите постапки ја донесоа Македонија на врвот во ЕУ по црна статистика.

Во ЕУ, 23% од медиумите и новинарите се под директни судски закани и политички притисок, во земјава просекот е фантастични 52 отсто“.

МАН потсетува и на Декларацијата за слобода на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа каде е наведено:

„Јавните функционери мора да прифатат дека тие ќе бидат предмет на јавен надзор и критики, посебно по пат на медиумите во поглед на начинот на кој ги извршувале или ги извршуваат своите функции во онаа мера во која тоа е неопходно поради обезбедување транспарентност и одговорно извршување на функцијата“.

Воедно, заканите за тужби, наместо користењето на правото на исправка или одговор претставуваат загрозување на слободата на информирање и воопшто, на слободата на медиумите. Истовремено, сакаме да потсетиме дека овие закани не се единствени кои ги има упатено генералниот секретар на Владата, има и кон други институции и лица“, се вели во соопштението на МАН.

SHARE