МДС: Како да ја приватизираш македонската дипломатија во 10 чекори

Екипата на expres.mk побара став од Македонскиот Дипломатски Синдикат за состојбите во македонската дипломатија.
Од синдикатот побаравме да ни се посочат 10 главни проблеми на дипломатијата и да се понудат решенија за истите.

Додека го чекаме одговорот на оригиналното прашање од МДС ни испратија 10 чекори за приватизирање на македонската дипломатија.

Во ироничниот одговор може да се препознаат низа реални проблеми и случувања во дипломатијата и чекори преземени од министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Кои се 10те чекори за приватизација на дипломатијата?

Чекор 1 : По стапувањето на функција го охрабруваш Синдикатот полека да запира со активностите. Ова се постигнува со проверен систем на вонредни унапредувања на неговите лидери и другите влијателни луѓе внатре или со ветувања за упатувања на работа во дипломатско конзуларни претставништва во странство. По анестезирањето на критичките гласови во куќата, се стекнуваш со статус “единствен глас”.

Чекор 2 : Во јавноста се поистоветуваш со вработените, од типот “јас сум еден од вас”. Нападно го потенцираш фактот дека си го делел лебот со нив, иако тоа можеби било одамна, можеби за многу кратко и можеби реално немаш ама баш ништо заедничко со нив.

Чекор 3: Паралелно, внатре започнуваш да градиш аура на моќ и неприкосновеност. Сите што ќе се осмелат да се спротивстават, веднаш добиваат етикета, било партиска, било карактерна, било дека се “против нашите позитивни реформи”.

Чекор 4: Со етикетирањето оди ширење на страв, да се внимава што се зборува и пред кого се зборува. “Ги знаеме ние кои се”. Нема унапредувања, нема кариера во странство. Започнува фазата шепкање по ходници и изолирање на слободоумните.

Чекор 5: За вистината сепак некако да не протече, почнуваш да ги изолираш неистомислениците со рестрикција на можностите за нивни средби со странски дипломати.

Чекор 6: За најупорните следи деградирање. Бидејќи законите сепак предвидуваат некакви правила за такви чекори, тоа треба да биде барем навидум правно издржано. Во недостаток на дисциплински постапки и дисциплински мерки, ако треба менуваш и цела систематизација во куќата, како во новата систематизација не би имало места за нив на истите позиции, него “за жал” ќе мораат да се спуштат подоле, бидејќи “не можат сите да бидат шефови”. Притоа, се разбира ги удираш и по џебот, со намалување на платата.

Чекор 7: Но упорните се, нели, упорни и не престануват да “досаѓаат”. Во недостаток на други институционални полуги, тие во склад со законот решаваат да формираат нов Синдикат, врз кој чувствуваат припадност и сопственост и преку кој навистина можат да ги изразат своите ставови.

Чекор 8: Тоа не е пријатна ситуација, чувствуваш дека го губиш легитимитетот. Го активираш заспаниот синдикат за да ја троши енергијата на активниот синдикат, со надеж дека двата ќе се исцрпат во меѓусебна борба. Не го вклучуваш активниот синдикат во клучните процеси и активности, како што се изготвување нов закон, членување во комисија за упатување дипломати во претставништвата во амбасади и конзулати. Притоа, по секоја цена се обидуваш да му ја намалиш улогата и да го понижиш, пежоративно нарекувајќи го “вториот, помалиот, новосоздадениот синдикат”.

Чекор 9: Заспаниот синдикат се буди во апологетски дух – вербално создава привид на критичност, но своите критики не ги адресира и регистрира таму каде што е местото. Наместо својата острица да ја насочи во насока на заштита и остварување работни права, на нив им пречи активниот синдикат. Се разбира, тоа е проследено со помали или поголеми лични напади врз “упорните”, преку непристојни писма, оцрнувања на социјални мрежи и слично.

Чекор 10: Се враќаме на насловот. Како? НИКАКО! Со обелоденување на вистината, стравот умира и шепкањето престанува. По ходниците повторно се слушаат гласови. Членството на заспаниот синдикат полека започнува да се осипува. По неколку месеци започнува да преминува во активниот синдикат и на крајот сите вработени се повторно здружени во еден синдикат, како и што доликува. Неговата острица не е свртена кон колегите, туку кон раководството, како и што доликува. И на крајот, ќе се избори за професионален и чесен третман на вработените, како прв суштински чекор кон градење респектабилна дипломатија. Како и што доликува!

SHARE