Мицкоски не оди на лидерска, СДСМ чека одговор до вечер

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нема да се појави на лидерската средба што за утре ја закажа премиерот Зиоран Заев доколку на неа не се разговара за предвремени избори.

Во денешното интервју за „Експрес.мк“, Мицковски вели дека прашањето за предвремени избори не е прашање на негова „лична желба“, а дека одбивањето на Заев да ги прифати е поради тоа бидејќи „знае дека ќе ги изгуби изборите“.

„Тоа е единственото решение за целата оваа ситуација и одглавување на изгубената држава“ вели Мисковски во интервјуто.

И претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска вели дека Мицкоски нема да оди на лидерска.

.„И доколку има некаква лидерска средба, таа лидерска средба ќе биде само за разговор за предвремени парламентарни избори, рече Ласовска на прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање.

Премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција уште еднаш го покани лидерот на најголемата опозициска партија на лидерската закажана за утре и изјави дека лидерска ќе има со или без него.

Заев најави дека трите главни теми ќе бидат Изборниот законик, пописот и иднината на СЈО, а присуството го потврдија лидерите на ДУИ и Алијана за Албанците – Али Ахмети и Зијадин Села.

Владеачката партија за доцна попладне закажа седница на Централниот одбор и најверојатно една од темите ќе биде утрешната лидерска средба, односно ќе се чека потврда за тоа дали ќе присуствува претседателот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски на истата.