Мицкоски: Нема преговори за Гоце, Даме, Никола, Питу, Тодор. И за јазикот не отстапуваме ни милиметар

Христијан Мицкоски, лидер на опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од Струмица испрати две категорични пораки во однос на македонските револуционери и на македонскиот јазик.

„Кога станува збор за националното чувство, во овие 360 страници ќе најдете дека нема преговарање во ниедна национална комисија за Гоце Делчев и за Македонија. И никој не смее да преговара ниту за Гоце, ниту за Даме, ниту за Никола, ниту за Питу, ниту за Тодор. Тие се Македонија. Врз основа на тие луѓе државата ја градевме. А за нашиот мајчин јазик, кој се изучува во најмалку 160 универзитети во светот, милиметар нема да отстапиме. Тој е наш мајчин македонски за век и векови“, порача Мицкоски.

Кандидатот за премиер пред струмичани вети и дека во првите шест месеци ќе одговараат сите што го прекршиле законот, како и три странски инвестиции од големи мултинационални компании, со илјадници вработувања, во првите сто дена на власт.

„Тие се веќе договорени“, уверува Мицкоски.

SHARE