Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му порача на експремиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, дека ќе одговара за катастрофалното владеење во овие три години.

„Денес има две вести важни за Македонија. Првата е лоша, но и очекувана, власта како почна-така завршува. Со газење на процедурите, силување на законите, непочитување на Уставот. Денот го завршуваат со закон за спас на криминалот на Заев, за спас на неговите соработници и слуги, и тоа донесен на незаконски начин, противправен и криминален.

Втората е добра вест. А тоа е дека Заев е готов. Владеењето со свиткана кичма завршува. Денес завршува најсрамната и најкриминалната епизода во поновата македонска историја. Завршува Заев“, порача на прес-конференција првиот човек на македонската опозиција пред директно да му се обрати на поранешниот претседател на Владата.

„Денес го  слушам Заев вели ќе правел марш за правдата, каква хипокризија и лицемиерие. Предводникот на неправдата овие три години ќе прави марш за правдата или во реалност марш за спас на милионите на Вицето, марш за спас на плантажите од марихуана на неговите роднини, марш за спас на Заев од Рекет, марш за спас на убијците кои ги пуштија на слобода овие три години.

Патеката по која утре ќе чекорат е истата по која ќе си заминат после 12-ти април. Но, има една работа со која ќе се согласам, а тоа е она кога вели Заев дека одговорност мора да има. Одговорност ќе има и ти Зоран Заев ќе одговараш. Ќе одговараш, запамети ги овие зборови. Мора да има одговорност“, вети Мицкоски.

SHARE