Мицкоски: Со Македонија мора да владее Уставот, не партиите

Слободата е најскапа тогаш кога ја нема, а слобода ли е овој башубозук и криминал кој како канцер го јадат општеството парче по парче. Потребна е нова слика за политиката во Македонија, мора да се промениме самите за да ја промениме реалноста, истакна лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред граѓаните на Охрид, кои беа дел од протестниот марш на оваа партија.

„Партиите не смеат да владеат со Македонија, со Македонија мора да владее Уставот, законите и вредносните принципи и никој не треба да биде над тоа“, рече тој.

И во својата суштина гласањето „ЗА“ овој договор значи давање на легитимитет на Зоран Заев и следниот ден да продолжи да дели тендери на брат му Вице, убеден е Мицкоски и додава:

„Гласањето „ЗА“ овој договор значи и ветар во грб да продолжат да ги покачуваат даноците, да земаат од парите на народот, гласањето „ЗА“ значи и легитимитет да продолжат криминалните иновации, да има повеќе државни тендери во фирмите на Анѓушев, кој и понатаму ќе удира по новинари со фломастер, гласањето „ЗА“ значи и давање на легитимитет на уништената економија, но и легитимитет на скапите стипендии на децата на одбраните луѓе од власта, за нови тендери во здравството кои ќе продолжат од ќерката директор на таткото бизнисмен, на нови матни тендери за книги и бизниси во коалицијата на власт. Затоа, внимавајте – важна е оваа одлука која што ќе ја донесете“, повика Мицкоски.