Актерот Тони Михајловски преку својот профил на Фејсбук ѝ се обрати на амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Брнс, реагирајќи на нејзината порака дека ревизија на Преспанскиот договор не може да има.

„Почитувана,
Не би сакал да ме разберете погрешно, но погрешно е веќе самото тоа што Вие нас нè плашите од ревизија на срамниот и пред сè нечовечниот договор со соседната ни држава Грција. Па, тоа ќе биде нашата борба во следниве години. Тоа ќе биде борба на сите оние што не се согласуваме со насилното и подмолно менување на името. Борбата на Патриотите. Оние што си ја сакаат својата Патрида, стар македонски збор за Татковина. Борба со која ќе си го вратиме и номенот и оменот, затоа што …..“Nōmen atque ōmen quantīvīs iam est pretī” “The name and the omen are worth any price”. И таа борба ни беше наметната против наша волја. Сте ги погледнале, се надевам, извештаите за резултатите од референдумот. Недоволно излезени. Сте го прочитале, се надевам, и прашањето и сте заклучиле дека беше направено спротивно на сите законски обврски и правни норми кога се работи за референдумско прашање. Во најмала рака беше безобразен ултиматум кој мојот горд народ го отфрли, што, пак, мене ме прави горд. Исто како што и вашиот народ Вас би ве направил горда ако некој добар сосед посака да му го смени името.
Затоа, јас ве повикувам почитувана, наместо да нè плашите, да ни се придружите во оваа борба за слобода и човекови права, затоа што тоа е во духот пред сè на вашиот народ и одлика на вашата земја. Ако навистина стоите зад демократските принципи, ќе ни се придружите и ќе ни помогнете да си го вратиме она што на сила ни беше земено. Името Македонија“, ѝ напиша на американската амбасадорка членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Брнс во интервју за ТВ Сител го образложи својоит став околу договорот од Нивици.

„Важно е да не се заборави дека добрососедските односи се предуслов за интеграција и членство во ЕУ и во НАТО. Ние знаеме дека Преспа беше компромис, имаше тешки преговори кои подразбираа отстапки од двете страни. Но, она што Преспа го направи е што конечно го откочи патот за Северна Македонија да стане НАТО-сојузник и да го продолжи патот кон ЕУ. Но, уште поважно, и помогна на Северна Македонија да се придвижи напред од позиција на стагнација каде не можеше да се развива политички, економски со иста брзина како многу од своите соседи, во смисла на ЕУ-интеграцијата. Затоа мислам дека е многу важно да се има на ум дека не само што ЕУ го препознава значењето на одржувањето добри односи со соседите како дел од изгледите на Северна Македонија за ЕУ, туку навистина се работи за иднината на оваа земја, за тоа дали лидерите ќе можат да обезбедат таков економски раст и можности, работни места, трговија, странски инвестиции, какви што би сакале да се реализираат. Многу е важно да не се загрозува оваа извонредна трансформација која се случува. Дури и магазинот ,Економист’ на крајот на годината ја издвои Северна Македонија како најтрансформирана земја во 2019 година, главно поради решавањето на отворените прашања со соседите. Да се заштити таа трансформација, да се продолжи движење напред и да не се загрозат сите овие достигнувања со гледање наназад е нешто што се надеваме дека луѓето ќе го сфатат многу сериозно“, изјави Брнс.

SHARE