Милосављевиќ: Бугарите подизведувачи на проектот за блокада на Македонија

Кој е крив, дал Бог ил судбина,
играат ли играчки со нас?

Бугарската политичка елита од Македонија во последниве три години доби, да го парафразирам Љубчо Георгиевски, повеќе отколку што можеле и да сонуваат до 2016 гдина.

И покрај тоа што од оваа страна на границата ги хејтаме и презираме како „смешни и заостанати“, можете да се кладите дека тие не се ни едното ни другото. Значи, сосем им е јасно дека повеќе од ова не можеле да добијат дури и од Заев и Димитров. И повторно ни ставија вето.

Бладањата за Тито и слично буквално ги извадија од нафталин, колку да има нешто да се каже, да не бидат комплетни гадови, па ајде измислија: Тито го славеле овие неосвестените Блгари. Од тој аспект гледано, потегот со ветото е нелогичен, контрапродуктивен, без никаква придобивка за Софија и извесно глуп!

Проблем прави големиот Черчил кој вели дека „штом нешто некаде е направено, можете да се кладите дека некаде некој одлучил тоа да биде токму на таков начин направено“.

Прашањето е се разбира кој и зошто?

Апсолутно ја исклучуваме можноста тоа да е руско или кинеско масло. Ако сакаа Франција и Германија да не блокираат немаше да ги тераат Бугарите да прават кловнови од себе на јавна сцена, доволно ќе беше да кажат дека реформите во Македонија се тиња и дека не ги задоволуваме ниту основните стандарди за почеток на преговорите.

За самите Бугари сето ова, веќе реков, е штетно бидејќи и краткорочно и средно рочно а веројатно и на долг рок ги изгубија оние минимални симпатии кои се јавуваа кај промили од македонските граѓани.

Нашата Влада исто така, тешко дека самата замолила бугарските колеги да ни врзат шлаканица затоа што евроинтеграциите се единственот нешто за кое оваа Власт впрочем и се држи, во недостаток на било што друго опипливо и докажливо како успех.

Па сепак, Бугарите не се наивни и не се мутави, нема да одат во корист на сопствената штета туку така.

Единствен логичен заклучок од целава рашомонијада е дека во дадениов миг постои премолчана согласност, поради „повисоки цели“, меѓу главните играчи на ЕУ, да не остават уште малку во чекалната додека не биде остварена одредена агенда за регионот, која извесно нам нема да ни се допадне.

Бугарите се подизведувачи на проектот, ним тоа не им е тешко бидејќи во историјата често и со задоволство ја играле таа „огавна“ улога. Дали нашиве се дел од приказната или појма немаат што се случува е легитимно прашање.

Кога ќе се земе предвид дека Унијата има мал милион посериозни проблеми од македонските преговори, а кога на тоа ќе се додаде дека ние имаме други и уште поголеми маки од 35-те поглавја, делува дури и логично да постои взаемен интерес лимбо ситуацијата да продолжи уште некое време.

Јасно е дека граѓаните никој ништо не ги прашува и не ги есапи за живи, но ако сме искрени, за тоа сепак самите сме си виновни. Колку рачиња толку колачиња. Каков народ таква власт. Нема лутење.

Драган Милосављевиќ, новинар на ТВ Алфа

SHARE