Милошоски го “тролаше” Анѓушев во живо

Ексминистерот за надворешни работи Антонио Милошоски како обичен гледач на емисијата Само Вистина на Канал 5 му постави прашање на вицепремиерот Кочо Анѓушев и предизвика збунетост кај вториот човек во владата.

“Г-н Анѓушев, наместо да ги оптоварувате граѓаните со нови давачки, ќе бидете ли љубезен да објасните кога ќе почнете со проектот поврат на 15% ДДВ, што заедно со Заев го ветивте пред изборите”, праша Милошоски онлајн.

По скоро 2 години на власт, според Милошоски Анѓушев дал одговор кој личи или на оградување од овој проект или на префрлање на целата одговорност на министерот за финансии за (не)остварување на владиното предизборно ветување:

“Пред било која реформа да ја направите потребна е опширна анализа, таа анализа се прави во Министерството за Финансии.

На Економскиот Совет сме ја разгледувале и мислам дека министерството за финансии ќе излезе со таква анализа и ќе го каже ставот по тоа прашање.

Не би можел конкретно да ви одговорам за таа реформа, сепак е во ингеренции на министерството за финансии, но да ги видиме анализите, да ги видиме математиките, тоа се однесува на граѓаните кои трошеле и плаќале ДДВ сметки, нешто да им се врати, на некој начин и да се зголеми фискалната дисциплина.

Не би можел да кажам кога ќе биде тоа, но еве пак да потенцирам тоа е сепак во ингеренции на министерството за финансии, тие имаат тим кој работи на тоа прашање”, одговори вицепремиеторот за екомомски прашања.