„Слушаме дека има коалициски недоразбирања кој да биде амбасадор во Вашингтон, дали треба да го има ДУИ, дали треба да го има СДСМ или да биде испратен кариерен дипломат, но тие недоразбирања во коалицијата не смеат да бидат оправдување за оставање на празни амбасадорски места како што се Вашингтон, Брисел-Белгија, Брисел-НАТО, Рим, Копенхаген, Хаг и многу други клучни позиции’, предупредува поранешниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски во интервју за Македонското радио.

„Оставањето на 25 празни амбасадорски места е неодговорно однесување на власта и на носителот на таа одговорност, Министерството за надворешни работи“, вели Милошоски според кој тоа одиграло улога во слабоста на сегашното министерство за надворешни работи да направи соодветна проценка како ќе заврши Самитот во Брисел на ЕУ. Тоа истовремено резултираше недоволните информации, анализи и проценки.

„Сега во овој период на два месеци од детронизирањето на премиерот во заминување, Заев, и на два месеци од формирањето на техничка влада, Заев и Димитров треба да размислат дали по секоја цена ќе туркаат пополнување на амбасадите со цел да задоволат одредени партиски, коалициони или лични обврски кон одредени луѓе“, вели Милошоски.

Тој порача дека ако власта одлучи да испрати свои блиски партиски , политички или фамилијарно лојални луѓе, кои ќе ја преставуваат Македонија во Вашингтон или во седиштето на НАТО во Брисел, тогаш при евентуална смена на власта на следните избори во април 2020 година, идната влада доколку биде избрана од други партии, ќе има полно право тие амбасадори да ги врати назад и да ја отпочне одново процедурата на именување.

SHARE