Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник Антонио Милошоски смета дека изјавата на професорката Ана Чупеска од Правен факултет, дека министерот за внатрешни работи на Италија Матео Салвини и (екс-премиерот) Берлсускони се клепто-фашистии кои водат специјална војна кон Македонија претставува дипломатски скандал.

Чупеска, имено, изјави дека објавувањето на снимките во италијанска „Ла Верита“ поврзани со случајот „Рекет“ e „специјална војна“ која ја водат клепто-фашистите Матео Салвини и Берлускони од Италија“.

„Проф Чупеска има пренесен владин мандат, бидејќи е назначена од МНР Димитров за член на ГР-МК историска комисија, а истовремено е близок советник на Претседателот Пендаровски. Заради државните позиции на кои е назначена, квалификациите на Проф Чупеска дека демократски избраниот министер за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини, е клепто-фашистит, се голема навреда кон пријателска Италија, но и деградирање на угледот на италијанскиот амбасадор во Македонија, Н.Е. Карло Ромео, како претставник на владата на Салвини во Скопје.

МНР Димитров и Претседателот Пендаровски најмалку што можат е да го повикаат италијанскиот амбасадор и да му се извинат за оваа скандалозна навреда кон италијанската влада, а дека тоа не се празни зборови треба да го потврдат и со истовремено разрешување на Проф Чупеска од сите владини тела и државни позиции“ препорачува Милошоски.