Министерка Мила, доста со фејк прашања, чекаме суштински одговори – пишува Драган Милосављевиќ

Го изгледав, со напор на волјата, она бесмислено двеиполминутно видео на владиниот Пи Ар во кое ја прашуваат министерката Мила Царовска кој и е омилен филм, што прави рано наутро кога ќе стане од спиење, каква музика слуша и уште 27 баналности на кои таа одговара со глас речиси украден од вицепремиерката Радмила Шекеринска и во поза која би им доликувала на министерки во Финска или во Шведска, да речеме, но секако не во една од најсиромашните, најнефункционалните и најнеуредените држави во Европа.

Тоа што пропагандното видео е бледа копија на она кое го правеше поранешниот американски амбасадор Бејли кога заминуваше од Македонија е најмалиот грев во целата приказна. Толку знаат и толку умеат „40 разбојници“ во најнеинвентивниот тим за пропаганда било кога создаден под капата небеска.

Лошата глума на опуштеност, во комбинација со еве да признаеме, елегантната естетика, квалитет кој министерката несомнено го поседува, не можат да постигнат ама баш ништо кај просечниот граѓанин освен чувство на тапа разочараност поради очигледниот факт дека владината функционерка се обидува да продава магла, а нам, фала му на Бога, маглата ни е последното нешто што ни треба. Лажниот шарм при одговарањата на прашањата со цака, од типот кој ви е омилен политичар од опозицијата едноставно не ја поправа состојбата. ( Влатко Ѓорчев, се разбира дека не, вели Царовска, омилена ми е Рангелова!

Што само по себе е дури и културолошки безобразлук со оглед дека Рангелова е шутната од опозицијата и се лигави кај власта). Но добро, легитимно е да се направи смешен клип и потоа да се пушти на социјалните мрежи па ако упали нека упали.

Проблемот е во тоа што министерката упорно нема одговор на, според целата јавност, сосем поинакви и каде-каде поважни прашања од музиката на Хаузер.

На пример следниве:
Зошто во земјава врие од деца питачи, кои дури и сега на овој студ премзрнуваат разголени на семафорите, а власта се прави дека не постојат?
Зошто месечната социјална помош е доволна за човек да преживее со неа не повеќе од три дена?

Зошто на бегалците од војната во 2001 наместо решавање на станбеното прашање им се нуди да потпишат дека се социјални случаи и да ја примаат истата онаа социјална помош која е доволна за три дена во месецот?

Зошто тешко болните деца се лечат во странство со помош на телефонски донации од граѓаните, а штедливата власт троши баснословни средства за исплаќање на трутовите во државна служба кои ништо не работат?

Зошто и е најважно дали Македонија е подготвена за жена премиер, но пет пари не дава за илјаднциите жени шивачки кои работат во фабрики-концлогори за седум илјади месечно?

Зошто се дозволува систематско третирање со најтешки лекови за смирување на децата во поправните домови?

Зошто децата без родители, и покрај сите наводно големи усилби на службите, се редовно на листата во полициските картотеки како насилници, ситни криминалци или по цели недели се водат како исчезнати?

А бидејќи одговара и на прашања кои не се од нејзините сектор на интерес, би можеле да ја запрашаме и вакви нешта: Зошто имаме најниска плата во Европа кога премиерот вели дека економијата буквално блеска?

Зошто се дозволува министрите од ДУИ да се однесуваат како да се косовски а на македонски државни функционери?

Зошто во сите институции има отворени и масовни случаи на непотизам?

Зошто ЕУ на сите понижувачки договори, ни тресна клоца за отворањето на преговори?

Зошто половина влада се дружела со најсмешниот криминалец на светот наречен Боки 13?

Зошто помислиле дека можат да ја уценуваат Венецијанската комисија?

Зошто судството ни е на ниво на она во Руанда и Централноафриканската Република?

Зошто реално не се вложува во спортот и зошто се политизира културата?

Зошто додека влегуваме во НАТО нашите војници немаат чизми и тоалетна хартија во тоалетите?

Има уште мал милион прашања на кои Царовска би требала да одговори искрено и чесно, наместо да не забаваува со досетките на Коста Петров, но очигледно дека тоа не и е приоритет.

Потоа се чудат на „Илинденска“ кога дури и странците им велат дека со народот не само што не живеат во иста држава туку не се ниту во иста вселена, бидејќи за три години на власт целосно изгубиле контакт со реалноста.

Но чудењето си е чудење, а реалноста е сурова нема време за таков вид забава туку бара итни и оддржливи решенија за насобраните проблеми кои никаква, дури ни многу подобра реклама од онаа на Петров не може да ги прикрие.

SHARE