Мировниот договор меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати – извонредна дипломатија во вонредни услови

Новата декада на 21иот век започна со настани кои имаат масовно влијание, како во временска рамка, така и во географски опфат. Од политолошки аспект, се уверивме глобализацијата е де факто состојба од која ги уживаме придобивките од глобални и моментални трансакции на ресурси и информации, но треба да имаме и стратегија за кризен менаџмент и стратешки партнерства на светско ниво.

Без таков пристап политичкиот дискурс остава простор за лоцирање на проблемот кај другиот, без разлика дали станува збор за организам (етикетирана единка – мигрант на пример), микрочестичка (вирус како COVID-19), или колектив (група поврзана по основ на идентитет), и го намалува потенцијалот за влијание преку стратегија на обединување.

Како што се докажа преку економската глобализација дека ограничувањата се надминуваат се додека инвестираме во поврзување и оддржлив развој, дипломатијата како агент на политичка промена преку постигнување на договор со методи како дијалог, преговори и градење сојузи, докажа дека динамиката на цивилизациските текови е во рацете на човекот и начинот на негово политичко организирање и делување.

Како што се менува свеста дека долгорочните економски придобивки се преку зголемување на колачот, а не само на парчето, се менува и свеста дека мирот, како приоритет на дипломатијата, не се постигнува само со менаџмент на конфликти, туку и преку воспоставување партнерства кои ќе бидат столбот на мировните процеси на регионално и пример на глобално ниво.

Во духот на тектонски пореметувања од глобален карактер со кои се обележа почетокот на новата декада, на 13ти август 2020та година Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) постигнаа договор според кој ОАЕ ќе стане третата арапска земја, по Египет во 1979та и Јордан во 1994та година, што формално ќе ги нормализира своите односи со државата Израел.

Исто така, ќе стане првата земја од Заливот што ќе го стори тоа. За возврат, Израел се согласи да ги прекине плановите за анексија на големите стратешки важни серии на Западниот Брег.

Со официјалното потпишување на договорот во Белата куќа во Вашингтон, Соединетите Американски Држави (САД), ќе се воспостават целосни дипломатски односи меѓу двете земји.

Според американскиот претседател Доналд Трамп договорот би можел да го отвори патот за другите арапски соседи да го следат примерот на ОАЕ. За да го затвори договорот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го прекина планот за анексија на територијата на Западниот Брег во замена за воспоставување на официјални врски со малата, но сепак политички и економски влијателна држава на Заливот. Европа го поздрави договорот и најави дека е подготвена да работи со Израел и ОАЕ за да се движи напред кон поширок мировен договор за Блискиот Исток.

Шефот за надворешна политика на Европската Унија, Жосеп Борел, го поздрави договорот, што е знак дека целата унија е позади договорот. Нормализацијата, впрочем, ќе биде огромна придобивка и за обајцата и е важна за регионалната стабилност, рече портпаролот на Европската комисија.

Договорот ќе доведе до поголема соработка во областа на туризмот, безбедноста, образованието, технологијата и енергијата.

Францускиот претседател Емануел Макрон го повика претседателот на палестинската власт Махмуд Абас и изрази посветеност да работи за мир на Блискиот исток. Продолжувањето на преговорите за постигнување фер решение што го почитува меѓународното право останува приоритет на француската влада, според Макрон.

Меѓународните организации кои активно работат во полето на промоција на мировните процеси исто така излегоа со свои реакции.

Глобалниот совет за толеранција и мир (ГСТП), го препозна договорот како историско дипломатско достигнување што ќе го зајакне мирот на Блискиот исток и во целиот свет. „Договорот меѓу ОАЕ, Израел и САД е доказ за смелата дипломатска и здрава визија на раководството на ОАЕ за постигнување на овој дипломатски успех.

Како резултат, Израел ќе престане со анексијата на палестинските земји според мировниот план на Трамп “, изјави претседателот на ГСТП, Ахмед бин Мохамед Алџарван, додавајќи дека оваа „историска дипломатска пресвртница ќе постави посигурна и мирна иднина за луѓето во светот и ќе реализира развој, просперитет и пристоен живот за целото човештво“.

GCTP praises US-brokered historic diplomatic achievement between UAE and Israel

Оваа организација го обединува Меѓународниот парламент за толеранција и мир (МПТМ), со преку 70 претставници на парламенти од целиот свет, меѓу кои е и нашето Собрание и Генералното собрание во кое се вклучени светски лидери, универзитети и истражувачки центри.

Алберто Енрике Аленде, спикер на МПТМ, изјави дека договорот дополнително ќе ги промовира мирот и толеранцијата во регионот и во светот.

Најголемата про-израелска група во САД, АИПАК, го нарече договорот „историски чекор напред за мирот и помирувањето на Блискиот исток. „ОАЕ им се придружуваат на Египет и Јордан во отворањето на патот кон мирот преку признавање и ангажман, наместо изолирање и бојкотирање на еврејската држава.“

Со оваа објава, Израел и ОАЕ им се придружуваат на САД во започнувањето на Стратешката агенда за Блискиот Исток за проширување на дипломатската, трговската и безбедносната соработка“, рече АИПАК, додавајќи дека ги повикува другите арапски држави и Палестинците да го следат овој пример и да побараат од палестинското раководство да стави крај на бојкотот спрема Израел и САД и да се врати на преговарачката маса.

Од друга страна, договорот беше пречекан со наратив на разочарување и загриженост, па дури и како знак на предавство и повод за нестабилност во регионот од земјите кои градат политика и реторика на спротивставување на градење на односи со Израел, како Иран и Турција.

Очекувано, секое пореметување на статус-квото да има влијание на целиот спектар на односи, најавени се заострувања на односите и дополнително комплицирање на дипломатијата во регионот, но сепак, треба да се земат предвид и внатрешните состојби и политичката агенда на националните лидери и како ќе се искористи за зацврстување на власт и влијание.

Како што изјави д-р Канта Ахмед за Fox News мировниот договор може да го промени светот во текот на следниот век.

„Едноставно е многу тешко да се објасни обемот на оваа (зделка). Ова е епско и историско”.

Сигурно е дека т.н. „Авраамски договор“ (по таткото на сите три големи вери) ќе го промени политичкиот пејсаж на Блискиот Исток.

Меѓу очекуваните исходи е да се забрзаат напорите за решение на палестинското прашање, да се консолидираат зацементираните религиозни и секташки позиции и дивергентните и непријателски интереси на многу арапски земји кон Израел и едни спрема други.

Дипломатијата уште еднаш докажа дека односите не се предодредени, разликите се надминуваат и заедништво и соработка се постигнува се додека перцепцијата за текот и исходот на процесите е во раце на самите нас како глобален колектив.

Проф.д-р Фадил Зендели, пратеник
Проф.д-р Зоран Илиевски, политолог

SHARE