Мито и канализација – Пишува Роберт Димитриевски

Како во „старите добри времиња“ од првите години на независноста на Македонија, на партијата што има врска со социјалдемократијата колку со одговорното владеење ѝ текнува на своите предизборни ветувања на заминување од власт. Своевремено непосредно пред избори преку ноќ ударнички асфалтираа маалски улички, отвораа селски чешми и по сто пати свечено означуваа почеток на изградбата на пругата кон Бугарија, за денес, во 21. век, лично лидерот да направи увид на изведбата на – канализација. Откако на арачиновци им „вработија“ 300 пилоти, сега ќе им го решеле и проблемот со одведувањето на отпадните води сосе „браон јахтите“ за кои пееше Бора Чорба.

Речиси три години преспаа навалени во удобните фотелји, за сега, два месеца пред изборите, да се разбудат од зимскиот сон и со (пра)старата им финта да пробаат да ги придобијат гласачите за уште еден мандат. Па, ветуваат ридови и долини, делат со шака и со капа, отпишуваат долгови, зголемуваат плати, вработуваат заслужни лепачи на плакати и викачи на митинзи во превработената јавна администрација, па дури на еден дел од неа се обврзаа да ѝ исплатат и К-15. За сето тоа ги обвинуваа своите претходници, за самите тие она што жестоко го критикуваа само да го прошират и надградат.

По сите непоправливи штети од досегашното водење на државата на идентитетски, економски и секаков друг план, недостигаше уште и да се прават великодушни со туѓи пари. И тоа незаработени, ами зајмени, што децата на сегашните деца нема да можат да ги вратат.

Па потоа се чудат што на толкаво раздавање и на тоа што некому му е свето не мрднаа од мртва точка во евроинтеграцијата, што ги оценуваат како хибриден режим, што според борбата со корупцијата и по еден куп други параметри ја заковаа земјата на дното во европски и во светски рамки. Тие да ти биле многу привлечни, ама другите не знаеле да ја ценат нивната убавина. Секој ден се фалат дека блескаме, а од силниот блескот секојдневно по неколку автобуси работоспособни со семејствата фаќаат џаде по белиот свет.

Велат, секој народ има власт каква што заслужува. Во македонскиот случај, сепак, не ќе да е баш така. Ниту некој ги избра, ниту им даде овластување на сегашните властодршци да го раскрчмуваат тоа што со децении и со векови некој друг го создавал со многу љубов, саможртва, пот и мака.

Кој им (по)верува на шарените лаги за 500 евра просечна плата и слични приказни за мали деца – пак да си ги гласа. Другите имаат доволно време до 12 април да размислат за тоа до каде ќе дотуркаат повторно водени од тие на кои мито одамна им е второто име, а канализацијата синоним за стилот на владеење.

SHARE