Митрополит Николај: Да не се отфрла испружената рака од МПЦ-ОА

Митрополитот пловдиски Николај, во послание по повод 24 мај, празникот на словенските просветители Кирил и Методиј, изразува загриженост за православните христијани во Македонија кои страдаат и вели дека БПЦ не треба да ја одбива испружената рака за помош од МПЦ-ОА која од БПЦ лани побара да ѝ биде „Црква-мајка“.

„Се прашувам како е можно во текот на десетици и десетици години, православните христијани од таа страна на  Деве Баир, да бидат третирани како шизматици, нивни свештеници да не можат да сослулужуваат со свештениците на другите православни цркви, да се плашиме од контактот едни со други“…Тоа не била идејата на светите браќа Кирил и Методиј, кога ни ја давале азбуката, за да го разбираме Словото Божјо и да се разбираме едни со други, вели во посланието митрополитот Николај што го објавува БГНЕС.

За македонското црковно прашање, митрополитот вели дека „не може да се отфрла испружената рака. Не можеш да  гледаш бесчувствително, како православните христијани страдаат повеќе од педесет години, и да не ти затрепери срцето. Нечовечки е“.

Митрополит Николај гласал против одлуката од 14 мај на Светиот Синод на БПЦ  кога беше решено бугарскаат црква да не испраќа свои претставници во Охрид на одбележувањето на 1.000 годишнината од основањето на Охридската архиепископија.

Против ова решение гласаше и претседателот на Комисијата за утврдување на канонскиот статус на МПЦ-Охридска архиепископија, митрополит Кипријан.

Одлуката на 14-ти мај беше донесена во отсуство на Патријархот Неофит, кој постојано повикува на поддршка на МПЦ-ОА.

Во последните денови имаше неколку протести на кои се бараше Светиот синод на БПЦ да свика вонредна седница за да ја преиспитаат оваа одлука.