Мнозинството Грци тврдат дека Грција има корист од членството во Европската унија, но тие исто така веруваат дека ЕУ се движи во погрешна насока, покажува јавното истражување објавено пред изборите во Европскиот парламент што ќе се одржат в недела.

Според истражувањето нарачано од Фондацијата Конрад Аденауер, 64,1 отсто од испитаниците изјавиле дека очленството во ЕУ сигурно или веројатно ѝ носи бенефит на Грција, додека 33,4% се изјасниле спротивно.

Истовремено, 60 отсто од испитаниците изјавиле дека ЕУ сигурно или веројатно се движи во погрешна насока, а  33,4 проценти останаа оптимисти.

Анкетата покажа и релативно ниско ниво на доверба во ЕУ.

Само 28,8 отсто од Грците велат дека ѝ веруваат на Унијата, додека довербата во Европскиот парламент и Европската централна банка (ЕЦБ) имаат  25,5 и 20 отсто од исанкетираните.

Меѓу институциите во кои Грците имаат најмногу доверба, според анкетата, се семејството, вооружените сили, Црквата, универзитетите и полицијата.

За заедничката валута на ЕУ, 35,7 отсто рекле дека би останале лојални на еврото, додека 43,7 проценти се чувствувале заробени со единствената валута. Малку повеќе од 10 отсто рекле дека Грција треба да го напушти еврото.

Истражувањето беше спроведено помеѓу 10-15 мај.

Грција се приклучи на тогашната Европска економска заедница (ЕЕЗ) во 1981 година.

(Катимерини)

SHARE