Мојот албум на новогодишни и божиќни слики – пишува Гордана Сиљановска

Нова година и Божиќ, сè уште, ги очекувам и ги доживувам со детска наивност, со радост и со надеж дека мене, на семејството, на пријателите, на народот, на човештвото ќе ни се случи нешто поубаво, повесело, поздраво, посреќно, поумно, помудро, подобро од претходната година.

Верувам дека секој од нас во срцето и меморијата крие богат албум со незаборавни слики на насмеани, возбудени, разиграни, весели, свечено облечени луѓе, решени, барем, за момент да ги заборават проблемите и „да веруваат“ во Дедо Мраз!

Патувањето во новогодишните и божиќните денови од детството ме соочува со купот честитки што со денови ги везев со краснопис, а потем требаше да ги однесам во поштичката во близина, зашто сандачето пред неа беше преполно. Купувањето жива елка, китењето со прекрасните лампиони и уживањето во трепетот на малите свеќички, закачени на жолти штипки во форма на цвет, беше дел од новогодишната магија.

Да не говорам за снегот што знаеше да се натрупа толку многу што улиците за миг стануваа пешачки зони, а уличките – лизгачки патеки. Останувавме до доцна во белите ноќи. Дома нè чекаа сарми, руска салата, пита, кифлички, ванилини колачиња, Васина торта!

Но, обичаите и традицијата тивко, но моќно си живееја во нашите домови од Свети Никола, именденот на нашиот сакан пријател, па натаму…

Кога ќе се вратам со мислите во младоста, доминираат сликите од првото останување со друштво цела ноќ, од прекрасни забави кога мислевме дека „светот е наш“, играњето до зори, ама… другото е исто како во детството, вклучувајќи ги и божиќните обичаи за кои строго се грижеше мајка ми.

Дојде времето на вработување, стапување во брак, радување на новогодишните прослави со децата. Помислата на него, покрај фамилијарните слики, ги оживува оние со неколкумина блиски пријатели со кои со децении заедно влегувавме во Новата година, ту кај едни, ту кај други, а секоја двојка подготвуваше нешто специјално за вечера.

Какви прекрасни дружби беа тоа! За жал, некои од оние без кои не можев да ја замислам прославата на Новата година, не се веќе меѓу нас, а од други, што е уште потажно, се отуѓивме до степен на неразбирање и непрепознавање.

Сепак, без Виолета и Никола, нашите најдобри пријатели во добро и лошо, до ден-денес, не бива Нова година! И сега „паѓаме во несвест“ од смеење при евоцирањето спомени од минатото, или во „транс“ од играњето рокенрол.

Годинава, не го дочекавме заедно први јануари, ама се собравме на Божиќ, по семејните средби, ние четворицата и Бети. Го немаше само Небојша-Ѓакон, кој замина во вечноста, но беше сеприсутен вечерта!

Нема Нова година на која не ми се појавува сликата на „Девојчето со кибритчињата“. На неа ми се надоврзуваат ликовите на двајца бездомници, мајка и син и на една самохрана млада мајка на три деца, кои не се ликови од бајките, туку човечки суштества со насушна потреба од помош, мои пријатели.

2019-тата ќе остане во мојата меморија како година во која јас, предизвикана од бизарното кршење на правото, правдата и на моралот, решив да учествувам на претседателските избори, поттикната од највознемирувачкиот настан во мојот живот, политичкиот атентат врз правото, чија жртва беше името на државата, а животно загрозени – историскиот, националниот и културниот идентитет на македонскиот народ и нација, во името на евроатлантската интеграција! Не жалам за учеството.

Не сонував дека моите ставови и пораки ќе го допрат умот и срцето на, речиси, 380 000 граѓани, дека зад мене ќе застане не само водството, туку и членството на ВМРО- ДПМНЕ, како и голем број независни интелектуалци, кои се синоним за критички ум, знање и етика, но и многу, многу неопределни граѓани со здрав разум, со логика и со љубов кон татковината МАКЕДОНИЈА!

А, таа, како што вели Бернард Шо, „татковината не се менува!“ Нема зборови со кои би ја изразила НЕИЗМЕРНАТА благодарност за разбирањето и за поддршката. Таква народна енергија, синергија и хармонија не сум доживеала. Си го видов и чув народот одблизу, водев дијалог со него, го почувствував неговиот дух и пулс, функциониравме како едно!

Иако не сум љубител на сликање, се сликав, сликав, се пресликав, но најважни се секогаш живите слики во моето СРЦЕ! Чинам дека она на што предупредував, дури и побрзо од очекуваното, СЕ САМОРАЗГОЛИ и почна да тоне во жив песок! Замислете го карактерот на режимот што успеал да го прикрие „РЕКЕТ“ за којшто се знаело уште во април, односно за време на претседателските избори!

Велат дека е најлош режимот на заминување! Сепак, пред и за време на празничните денови, можеби, поради Божиќ, а можеби и поради изборите, хорското, па и соло пеење на „Северна, Северна“, не само од политичарите од власта и од нивните поддржувачи – новинари и „аналитичари“, – како да стивна, како да стана „со усул“.

Остана предновогодишниот Гинисов рекорд со кој (не)славната рекордерка како да сакаше да се/нè убеди во исправноста на промената и да си/ни „ја всади“, повторувајќи ја чудната, нелогична придавка, предизвикувајќи навреда, непријатност, болка, па и гнев кај мнозина од нас.

Предновогодишното чистење, преуредување и украсување на домот, ми ги потхранија телото и ведриот дух, а втурнувањето во новата дневна „шема“ на прослава во едно распеано кафуле на 31 јануари, ме вратија во младоста, а оттаму, право кај сестра ми и нејзините прочуени јадења: празник за очите и уживање за вкусот.

Ноќта посакував снег, иако знаев дека ни „Дедо Мраз“ не е семоќен! Долго, долго размислував за македонската историска битова сага, за еден од најдолгите и најтажни европски национални романи.

Можно ли е, сè уште, да се актуелни зборовите напишани во писмото до владите на Грција, Бугарија и Србија во 1897 од англискиот премиер Вилијам Гледстон: „Зошто не Македонија на Македонците?“ Уште еднаш ми стана јасно зошто најголемиот број македонски народни песни се тажни, а ората тешки. Сфатив зошто за македонскиот народ, познавачите велат дека е – најмузикалниот на Балканот!

За среќа, се сетив дека Елка ми подари книга. Ја отворив и се најдов очи в очи со субверзивна, луцидна, цинична, алегорична, де отровна, де нежна поезија на младиот Исток, кој беше го построил болниот свет и македонското гнило, малограѓанско, корумпирано општество пред стрелачкиот вод на своите моќни ЗБОРОВИ!

Во славењето, незаборавна е вечерата кај драги пријатели, не само заради опојната трпеза, туку и заради страсната до палење дебата, во која можниот пожар од политички вжештените теми се гаснеше со вино и со дијалози за литературата, музиката, фолклорот, науката, спортот.

Доцна во ноќта се прибравме дома. Нè пречекаа најблиските, а нашите погледи најпрво се насочија кон прекрасната бремена фигура на ќерка ми.
Се разбира, како што реков, божиќните празници се незамисливи без нашите најдраги пријатели од детството, па Божиќ го поминавме кај нив.

И…. магијата даде плод: мене ми падна паричката, што значи дека ме чека СРЕЌНА НОВА ГОДИНА!
Еве, уште ја гледам, но и ја слушам сликата од приемот кај Архиепископот Македонски и Охридски, господин господин Стефан, на којшто се собраа црковни и световни лица, луѓе од различни професии, членови на различни партии од власта и од опозицијата, припадници на различна етничка и верска припадност, а амбиентот беше свечен, мирен, спокоен, луѓето беа насмеани, тивко зборуваа, срдечно се поздравуваа и си разменуваа убави пораки и желби.
На крајот, ОД СРЦЕ, на сите Македонци, дома, или низ светот, на сите граѓани на Македонија, без оглед на етничката и на верска припадност, на сите луѓе, им ја честитам Новата година, а на оние од христијанска вера им посакувам Божиќ да им ги осветлува животните врвици.
Посакувам МИРНА, ЗДРАВА и ПЛОДНА година на сите полиња!

Да си ги вратиме вербата и почитта кон себеси ако сакаме другите да ни веруваат и да нè почитуваат!

Да не заборавиме дека сме го наследиле, а не сме го измислиле, ниту украле ИМЕТО на државата, народот, нацијата и јазикот и дека тоа е неразделно од нашиот национален идентитет, колективен и личен!

Да не дозволиме Македонија да биде сè што немаме, наместо сè што имаме!
Да ставиме крај на авторитарните режими и да втемелиме Четврта македонска република заснована врз право, правда и етика!

Да градиме стандардна држава и демократија, а „sui generis“ уметност, наука, култура и спорт!

SHARE