Српскиот спортски портал „Мондо“ го нарече јавен час по ракомет синоќешното поигрување на најдобрите македонски ракометари со нивната репрезентација, кое заврши со 37:31, а Македонија водеше и со 31:19, за денеска да го добие и реваншот од затворен тип со 28:27.

Ако за триумфот во вчерашното прво одмерување на силите со северниот сосед најзаслужни беа Дејан Манасков со своите девет гола, Филип Кузмановски со шест и капитенот Кирил Лазаров со пет, денеска „орлите“ ги приземји Филип Лазаров со реализираниот последен напад. Најефикасен беше Жарко Пешевски со седум гола, два повеќе од Кирил Лазаров, а Никола Митревски запиша 13 одбрани.

Двомечот со Србија беше последна проверка за избраниците на селекторот Раул Гонзалес за претстојното Светско првенство во Данска и Германија, каде што ќе стартуваат на 11 јануари од 15:30 часот против Јапонија. Два дена подоцна е мечот со Бахреин, а потоа следуваат директните дуели во групата Б во Минхен за следната фаза: против Хрватска на 14 јануари, со Шпанија на 16 јануари и со Исланд наредниот ден.

SHARE

Оставете Коментар