Левиот бек на ракометната репрезентација на Шпанија, Виран Морос, очекува тежок натпревар со Македонија на 26. Светско првенство во Германија и во Данска.

„Најголем ривал во првата рунда ќе ни биде Хрватска, но генерално се наоѓаме во тешка група. Македонија ќе биде тежок испит, Исланд е секогаш конкурентен и силен во одбраната. Сето тоа ќе бидат натпревари на високо ниво“, изјави најдобриот дефанзивец на Европското првенство 2012 во Србија, каде што Македонија го оствари својот најголем успех – петтото место.

Избраниците на селекторот Раул Гонзалес со неговите сонародници ќе ги одмерат силите во четвртото коло од групата Б во Минхен на 16 јануари од 20:30 часот.

Македонија стартува утре од 15:30 ч. против Јапонија, а во групата ќе се сретне и со Бахреин, со Хрватска и со Исланд во борбата за едно од првите три места што водат во следната фаза.