Пратеникот Павле Богоевски денеска бил во скопското Јавно обвинителство да се пријави откако призна дека набавувал масло од канабис за негов близок пријател. Според извори на „Фокус“ во скопското Обвинителство одбиле да му земат исказ на Богоевски и да покренат постапка, бидејќи сметаат дека нема кривично дело во случајот.

Според неофицијални информации Обвинителство не може да покрене постапка во случајот со Богоевски бидејќи нема докази кои би докажале дека пратеникот на СДСМ навистина набавувал марихуана. Содржината на снимката не би можела да се употреби како доказ, бидејќи не упатува на ништо. Единствено неговото признание може да се употреби како иницијална каписла, но во тој случај ќе мора да се обезбедат други докази, дознава Фокус.

Основното јавно обвинителство Скопје го очекува известувањето од Министерството за внатрешни работи во врска со наводите кои ги пријавил пратеникот во полициска станица, со пропратна документација.

Скопското обвинителство побарало МВР да го утврди идентитет на сопственикот на профилот Илија Громовник кој ја објави снимката на пратеникот Павле Богоевски, а на која наводно се слуша како народниот избраник нарачува кокаин.

Од таму најавуваат дека се можни истраги и за пријавата на Богоевски за неовластено снимање од страна на таксист, но и за содржината на снимката., објави Сител.

SHARE