Научниците од повеќе земји независно едни од други дојдоа до откритие што буди надеж – повисоките температури и поголемата влажност го забавуваат делувањето на коронавирусот.

До ваков заклучок дошле двата најголеми кинески истражувачки центра на универзитетите во Пекинг и во Џингхуа, кои од почетокот на епидемијата во земјата мониторирале 100 кинески града погодени од вирусот. Според нив, вирусот не може да преживее на температура на воздухот од 30 Целзиусови степени, а секој раст на температурата и за еден степен, а на влажноста и за еден отсто, ја забавува брзината на пренесување на вируаот од човек на човек. Со доаѓањето на пролетта и растот на температурата, бројот на луѓето што еден заболен може да ги зарази паднал од 2,5 на 1,5 во просек.

Кинеските научници сметаат дека низ влажен воздух вирусот потешко патува и му се намалува дострелот, а влијание би можел да има и човечкиот имунитет, кој во зима е послаб отколку во лето.

Истражувачите на Масачусетскиот институт за технологија од САД, пак, откриле дека во 90 проценти од случаите вирусот се јавил и проширил во подрачја со температура од 3 до 17 степени.

И научници од Шпанија и од Финска дојдоа до заклучок дека вирусот најмногу се шири во регионите со посува клима и со температури меѓу 2 и 10 степени.

Експерти од САД и од Шведска со сличен заклучок: за тие од Универзитетот Мериленд коронавирусот се однесува како сезонски респираторен, што значи дека со затоплувањето тој нема да исчезне, туку само ќе отиде таму каде што климата најмногу му одговара, а Јан Алберт од шведскиот Каролински институт исто така очекува вирусот да се однесува сезонски, „но не знаеме дали тој повторно ќе има сила предизвика пандемија и тоа секогаш треба да го имаме предвид“.

SHARE