Најави ли јавниот обвинител Јовески гонење на советникот на ДУИ во Охрид?

Со својата изјава за случајот Латас, Jавниот обвинител Љубомир Јовески вчера освен што изврши влијание и притисок врз судството како една од странките во процесот, отвори дилема дали обвинителството конечно ќе преземе нешто против советникот на ДУИ во Охрид кој бесправно изгради и отвори пицерија и “бетоњерка” во Охрид.

Ако Јовески стои на своите принципи и зборови дека за прогон е доволно некој да почне да гради без одобрение за градба тогаш јавниот обвинител уште денеска мора да почне процес против Нефи Усеини кој во центарот на Охрид изгради нелегална пицерија а на 50 метри од брегот на езерото објект за правење бетон.

Вчера Јовески за време на пресот за Боки 13 рече дека  поддржува ветинг во судството и обвинителството, и го посочи примерот со ослободителната пресуда за новинарот  Дрган Павловиќ Латас и неговите браќа за кои СЈО имаше поднесено обвиние за бесправно градење. Тој побара и Судскиот совет да го истражи овој случај.

„Мислам дека на такви судии не им е местото во правосудството и веројатно Судскиот совет ќе треба по соодветна постапка да го испита тој дел. Јас после објавувањето на пресудата барав и судска пракса. Судската пракса во однос на овие кривични дела е сосема јасна, таму не се бараат ниту записници од инспектори, ниту дали некој пријавил. Доволно е лицето да почне да гради без одобрение за градба“ рече јавниот обвинител Љубомир Јовески одговорајќи на новинарски прашања на  прес конференцијата за истрагата која се води  против Боки 13 и Зоки Кичеец.

Ако се суди според делот од изјавата “Доволно е лицето да почне да гради без одобрение за градба“, Јовески ќе мора да води истрага и да поднесе кривична пријава за Нефи Усеини од ДУИ инаку ќе промовира селективна правда.

За случајот Нефи Усеини постојат и записници и пријави и од граѓани и од инспекторски служби.

За изјавата на Јовески важно е да се знае фактот што за разлика од случајот во Охрид каде објектот не е воопшто легализиран и обвинителството може и мора веднаш да реагира, во случајот Латас објектите се целосно легализирани од страна на државните институции.

Против нив СЈО или обвинителството не покрена никаква постапка, најверојатно поради недостаток на правни аргументи.

SHARE