По победата на Австрија над Украина од 34:30, на македонската ракометна репрезентација за сигурен пласман во вториот круг на Европското првенство ѝ треба триумф од најмалку два гола разлика во последното коло против соорганизаторот, без оглед на резултатот од дуелот меѓу Чешка и Украина.

Во таков случај, и со победа на Чесите, „црвено-жолтите“ ќе одат понатаму поради подобрата гол-разлика од нив во кругот од три селекции со по четири бода (резултатите против Украина се бришат). На мини табелата формирана со резултатите само од меѓусебните дуели на трите претендента за следната фаза Македонија би имала гол-разлика 0 (25:27 против Чесите и спомнатите најмалку +2 со Австријците), а Чешка -1 поради поразот од Австрија од 32:29 на стартот.

Со триумф од 2-3 гола разлика, македонските ракометари би пренеле и два бода во групата од втората фаза. Со повисока победа од три погодока, Македонија би поминала, но два бода би пренела Чешка, а би испаднала Австрија.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац би биле учесници во следниот круг и со реми со Австрија, но тогаш Чешка мора да загуби од Украина.

Круг од три селекции за делба на второто место со по два бода (ако загубат и Македонија, и Чешка) не ѝ одговара на македонската репрезентација, бидејќи таа веќе има гол-разлика -1 во дуелите со Чесите и со Украинците и сигурно не би била најдобра во тој круг.

Во последното коло во вторник прво од 18:15 ч. играат Македонија и Австрија, а по нив од 20:30 ч. Чешка и Украина.

SHARE