Наместо во Скопје, ракометарите против Грција во – Струмица!

Наспроти најавите дека најдобрите македонски ракометари ќе ја пречекаат Грција во Скопје, реванш за неочекуваниот пораз во Кожани во квалификациите за Европско првенство 2020 ќе се бара во – Струмица.

Дуелот со јужниот сосед од последното коло во третата група, кој може да биде решавачки за пласман на ново големо натпреварување за „црвено-жолтите“, ќе се игра на 16 јуни од 18 часот во спортската сала „Парк“, со капацитет од 2.300 гледачи, реши Ракометна федерација на Македонија.

Иако мечот со Грците побудува голем интерес и поради поразот од 28:26 во првиот натпревар, но и од причини поблиски до политиката отколку до спортот, средбата е закажана во сала три пати помала од СЦ „Борис Трајковски“, каде што избраниците на селекторот Данило Брестовац ремизираа 24:24 со Исланд во претходното коло.

На две кола до крајот Македонија е прва во групата со пет бода, колку што имаат и Исланѓаните. Трета со четири бода е Турција, со која македонските ракометари ќе ги одмерат силите на 12 јуни во Ескишехир, а Грците се последни со два бода.

SHARE