„Нашата“ и „нивната“ Македонија – Пишува Роберт Димитриевски

Пата-пата резултатите во македонскиот политички блок во три од последните четири изборни циклуси (парламентарните избори 2016, првиот круг од претседателските 2019 и последните од 15 јули) ги отстранија сите дилеми. Ако се апстрахира изборниот инженеринг, тие се недвосмислена потврда за расцепот на македонското национално ткиво на два огромни табора и за постоењето на две паралелни Македонии.

Едната Македонија се вика токму така, без никакви додавки, придавки или префикси, во неа живеат Македонци што зборуваат македонски јазик и што за национално знаме го сметаат сонцето од Кутлеш. Другата е „Северна“, во која немаат проблем да ги водат како коси црти или како Македонци/граѓани на РСМ, а јазикот прифатија да им го наречат „службен јазик според Уставот на РСМ“. Тие го веат исклучиво „вентилаторот“, како што од спротивниот табор (им) го нарекоа државното знаме измислено од Грчев, а за возврат го брусат симболот на древномакедонската кралска династија.

Првите и по натурањето на новото државно име, наспроти јасно изразената народна волја на пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година, ја продолжуваат сизифовската борба за негово игнорирање, инсистирајќи светот да ги препознава како Македонија. Другите пет пари не даваат за тоа, со образложение содржано во прашањето „името ли ќе ни ги храни децата?“.

Дел од Македонците се гордеат со тоа што се, историјата им е важна како патоказ за иднината, ги слават македонските револуционери, партизани и бранители, ги негуваат традицијата и верата, а во тој дух ги воспитуваат и децата. Токму овие вредности ги презира другиот македонски табор, ги смета за баласт во трката за подобар живот, во која е подготвен да раздаде сè што им значи на првите, само да се добере до замислениот евроатлантски рај, макар и како аморфна маса.

На едната Македонија срцето ѝ се кине од предавството на своите, се обидува да ги зацели длабоките рани со повици за национално обединување пред надоаѓачките искушенија, нуди рака за помирување, бара исцртување црвени линии како одговор на заканувачките туѓи платформи. Другата Македонија го исмева тоа, мазохистички го релативизира само поради тоа што повиците доаѓаат од „небањатите“, нарекувајќи ги антиевропски националисти и порачувајќи им дека „НАТО ќе нè брани, а ЕУ ќе нè храни“.

Едната Македонија душата ќе си ја даде за Охрид, Преспа, Дојран, за Бигорски, Лесновски, Канео, Водоча и Велјуса, за Шара, Бистра, Галичица, Малешевијата, Беласица, за Вардар, Треска, Радика, Брегалница, Дрим. Другата ќе пукне од мака што поради короната не може да скокне до Халкидики, Паралија, до Солун на кафе покрај морето и на враќање да сврати во „Лидл“, па мора да се тутка со „сељачиштата“ покрај „енѕеро“.

Едните се обидуваат да останат на родните огништа, на земјата наследена од своите прадедовци да го свијат семејното гнездо и да го вдахноват својот пород со патриотизам, со љубов кон родната грутка. Другите прават сè да (им) го обесмислат тоа, да им ја направат живејачката неподнослива и еден ден да ги испратат на гурбет со билет во еден правец, додека лажат дека создаваат едно „опшесво“ за сите.

Каде ли ќе се сретнат, допрат двеве Македонии, кога се разминаа и на Илинден? Кога и највисоките државни функционери избегнуваа да го споменат името на земјата чиј празник го одбележуваат, дури и во историски контекст, во што не ги ограничува никаков потпишан договор. Кога ни коњаницата што тргна од Лисиче до Крушево не ја пуштија додека не заминат господата со црните лимузини. Кога си дозволија да измислат ново безлично лого за најголемиот државен (и верски) празник, а ги имаат Мечкин Камен, „Македониум“…

Жална Македонијо. До кога Македонец на Македонец ќе му биде волк? Те заслужуваме ли воопшто?

SHARE