Навежбани магариња, понижени научници, уништени Македонци – Горан Момироски

Веста за хрватското магаре во Прилеп што добило тренинг вреден 83 илјади евра стана легендарна.

Се претвори во симбол на македонското самопонижување и самоуништување во ситуација кога на доктор му се нуди плата од 15 илјади денари а секое петто дете нема компјутер или интернет да се образува.

Тоа што парите се упатени од институција која ја води кадар на СДСМ а е даден на кадар кој гордо се слика со Заев а чиј брат е кадар на СДСМ во Собранието не ја менува суштината.

Образованието за магарињата е поважно од нашите деца, наставници, лекари и сите македонски научници и уметници заедно.

Македонската држава две години по ред не може или не сака да најде пари за доделување на најпрестижната научна награда „Гоце Делчев“.

За наградата Гоце Делчев членови на комисијата која ја доделува тврдат дека била укината затоа што во периодот кога таа требало да заврши во рацете на професорката Силјановска таа одлучила да се кандидира за претседател и да влезе во политички табор спротивен на актуелната власт.

Но дека тоа не е единствената причина и дека се работи за комбинација од фактори зборува фактот што годинава за прв пат не се доделува ниту втората по вредност државна награда 11 октомври.

За разлика од литоријанските магариња сега ниту еден од македонските научници и уметници, според власта, не заслужуваат тренинг ниту буџет за награда за тоа што го работат или работеле цел живот.

За некои од нив воопшто не ми е жал, покажаа дека можеби имаат знаење но немаат национална одговорност. Со молкот пред глупостите на актуелните власти испратија порака дека воопшто не заслужуваат да добијат награда.

Другите, храбрите и одважните што не молчеа, во исто време се и жртва и причина за укинувањето на државната почест за луѓето кои се вложиле во науката.

Освен “бугарските” причини да се укинат наградите Гоце Делчев и 11 октомври односно обидот да се удоволат тие што тврдат дека сме “Бугари со српска говорна мана” во позадина на оваа приказна има уште нешто многу важно.

Целта меѓу другото е да се уништи авторитетот и дигнитетот на македонскиот научник, целосно да се понижи уметникот, пред се тие што размислуваат со своја глава и не се продаваат за грст бисери.

Да се покаже дека тие што со децении работеле на македонската наука можеби грешеле што не работеле на новата наука, историја пред се.

Владата е свесна дека нема целосна контрола врз изборот на лауреатите, дека некој од нив ќе проговори за штетата што се прави врз македонската национална свест и затоа прави се што може да го уништи слободниот дух.

И затоа ги укинува наградите кои ги имаат сите нормални држави.

За почеток се укинуваат националните награди и се вежбаат магариња.

За крај магарињата ќе ги укинат Македонците и Македонија, процес кој е веќе во тек и кој може да биде запрен само ако се докаже дека не сме сите тренирани магариња.

SHARE