Што ли би рекол Гоце Делчев кога би можел да ја види Македонија денес, 116 години по кревањето на Илинденско востание? За ова ли се бореше и загина апостолот на македонската револуционерна борба, заедно со илјадници војводи, комити и обични смртници под барјакот на поробена Македонија?

Кукушанецот, кој денес би морал да кажува дека е од Килкис благодарејќи на „визионерскиот патриотизам“ на Димитров и компанија, би ја фрлил пушката „берданка“ кога би чул дека стана услов за интеграцијата на Македонија во Европска унија.

Море, кундакот би го искршил да знае дека „њама“ ни добрососедство, а камоли ЕУ, ако не се утврди чиј е авторот на безвременската максима за светот како поле за културен натпревар меѓу народите. И тоа до октомври!

Цевката од пушката би ја искривил од мака кога би дознал дека на чествувањето на најсветлиот датум од поновата македонска историја на Мечкин Камен може само одбрано друштво, а други превентивно ќе ги држат во полициска станица. За случајно да не го исвиркуваат или навредуваат „саканиот водач“ на Северна Кореја, пардон, Maqedonia e Veriut. Како во старите „добри“ времиња кога доаѓаше Тито.

Уште, па, да може да му кажат дека дојде време од македонски пејачи да се бара да ја прескокнат строфата од химната во која се спомнуваат тој, Даме Груев, Питу Гули и Јане Сандански – отиде и бајонетот јабана.

И табакерата би ја џитнал од возот во кој глумеше трговец пред Сулејман-бег кога би разбрал за Костадин, кој мисли дека е патриот ако се слика со двајца престорени комити и потоа се претставува себеси како војвода. А токму партијата чиј портпарол е ја преименува Македонија и педантно ја брише придавката „македонска“ од државните институции?!

Учителот од штипско Ново Село би кренал раце и од даскалувањето кога би му објасниле „учените“ од двете комисии дека народот за чија слобода го посвети целиот свој прерано згаснат живот на 2 август 1903 година бил едно, а од истиот датум 1944 да ти бил нешто сосем друго.

Кој знае дали воопшто би оставил аманет да почива во главниот град на слободна Македонија кога би можел да чуе за генијалниот заклучок на Стево „прецеднико“ дека тој, всушност, „се декларирал за Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава“?!

Затоа, не простувај им, Гоце. Знаат што прават.

SHARE