Не со тие „педерски финти“ Никола – пишува Горан Момироски

Во скопскиот сленг фразата „педерска финта“ означува ситуација кога некој со помош на не многу морално исправни принципи на однесување ќе направи најчесто нематеријална штета на друг човек.
Оваа фраза не е поврзана со сексуална определба.

Откако владата креираше тело за контрола на дезинформации во кое главни ќе бидат полицајци, разузнавачи и агенти а некои колеги дадоа идеја на граѓаните да им се забрани да пишуваат повеќе од една колумна неделно, си помислив дека министерот за надворешни работи Никола Димитров (Заедно со Рената Десковска) ќе биде првиот што веднаш ќе реагира и ќе и предочи на владата дека тоа е спротивно на ЕУ вредностите.
Се излажав.

Димитров иако има низа блиски другари меѓу новинарите и точно знае како ЕУ и ЕК го решаваат глобалниот проблем молчеше на темата.

Изреагира за нешто друго, веројатно за него многу покоњуктурно.
Поважно од слободата на говорот му беше да се огради за Боки 13 од владата во која што има важна позиција и да се пофали колку му е силно шестото сетило за одбрана од „педери (како карактерна особина), криминалци и суетни новинари“.

Не знам дали заради тоа што во постот на Фејсбук му помагал некој „Скопски педер“ но неговото оградување од сите што се сликале со Боки 13 е крајно невкусно.

На сите ни е јасно дека писмото на Димитров е дефинитивен знак дека Владата влегува во фаза на хибернација.

Дури и на премиерот Заев кој допрва го учи скопскиот сленг ова писание на Димитров му предочи дека по растурањето на безбедносниот систем, блокадата на правосудството поради Рекет, вртењето на грб од Пендаровски, го губи и Димитров и дипломатијата како алатка преку која ќе може да реагира по светот за да ја спаси кариерата.

А колку беа убави и весели кога се сликаа како филмски ѕвезди во Охридското езеро.

Во краткото соопштение за јавност кое се појави подоцна дури и од реакцијата за Боки 13 од шефот на државата Пендаровски, Димитров 33 дена откако трендсетерот е во притвор, напишал толку многу чудни работи поради што е потребно да се оди со ред, реченица по реченица.

1. Димитров во писанието признава дека „Рекет“ е криминал и тест за правната држава. Овде проблемот е што како добро информиран човек, со контакти во Брисел, Берлин, Париз и ОЛАФ тоа го прави дури откако целата македонска и дипломатска јавност разбра за рекетарскиот триаголник Боки-СЈО-власт (СДСМ)!

Доцна е за жал, оставка или покајување беше добар потег ако ја дадеше пред 30 дена. Сега нема употребна вредност.

2. Ако имал идеја со укор за сите тие што се сликале и потпишувале меморандуми со Боки Тредичи (Заев, Шекеринска, Сугаревски, Богоев, Кики, Фрики и др) да се амнестира себе си таа приказна не минува. Тие луѓе се дел од неговата екипа во владата и тој како човек кој се сликал за телевизијата на Боки 13 претчувството што го имал требало да го сподели многу порано. Со нив и со целата јавност. Да живееш со претчувство во врска со криминал со месеци и да молчиш за тоа е нефер и кон колегите и кон јавноста.

Дали ваквото поведение има врска со фактот што иако до последен миг беше во игра за кандидат за претседател, тој на крајот не беше изборот на Заев, веројатно никогаш нема да се дознае.

3. Освен како политичар чудно е и како Димитров како човек, знаел , насетувал, претчувствувал за каков крими-тим се работи (Боки Тредичи & компани), а на никого од неговиот тим во владата, барем на тие со кои на сликите изглeдаа како да се BFF (Best friend forever) не им рекол да внимаваат со познатиот Боки 13.

Како не најде време додека се возеа со Заев на мотори и чамци, или додека се смееа со Шекеринска во бриселските ходници да им каже: „Другарчиња внимавајте овој Боки е измамник, ќе ни ја урне владата“. Уште пострашно е тоа што за неговите „А ла Баба Ванѓа“ способности не го предупредил ниту својот кум Борјан Јовановски кој е дел од уредничкиот тим во 1ТВ на Боки 13.

4. Да добие нова шанса, сигурен сум дека неговиот шеф Заев ваквата неколегијалност, откако би и се извинил на ЛГБТ заедницата, би ја дефинирал со “педер како карактерна особина”!

5. Едно од прашањата кои се наметнуваат неминовно за тие што ги знаат сценаријата кој со недели се вртат по скопските кулоари е прашањето зошто Димитров го прекина молкот.

Легитимно е да се помисли дека со оградување од Рекет криминалот, и со дистанцирањето од колегите кои се сликале/дружеле со Боки Тредичи, Димитров индиректно се нуди за технички премиер во владата пред следните предвремени избори. Или најавува нов политички субјект во кој ќе нема место за тие што се сликале со Боки 13. Или пак дека наскоро ќе најде подобра позиција од таа што сега ја има. Сите прашања се легитимни а одговорот го знае само Димитров.

6. Оваа точка не дозволува ниту грам иронија.
Во обраќањето Димитров тврди дека „бојкотот на референдумот имал за цел да се факторизираат пратениците за да се тргува со одговорноста и да и се избега на правдата“.
Со тоа Димитров признава дека во процесот на менување на името дошло до такво мешање на законодавната, судската и извршната власт каква што немало во историјата. По скопски на Македонија и се случила „калакурница“ а Димитров не сторил ништо за таа да запре.
Тогаш Димитров молчеше, се согласи на антиевропско однесување на сите три власти за да се смени името за сега да ни кажува дека 1 милион и 200 илјади луѓе (според избирачкиот список) бојкотирале промена на име затоа што сакале слобода за Мукоски и другарите.
Кога ова е кажано од еден шеф на дипломатија звучи и тажно и смешно во исто време.

7. Иако вели дека е на иста линија со точката 6, министерот останува недокажан на кого точно мисли кога зборува за дискредитацијата на СЈО. Прозвучува како да учел од тезите на Костадин војводата во кои Мицкоски откако направил форензичко чистење на компјутери во СЈО и во Дунав го фрлил телефонот на сестрата на девојката на синот на Јанева, го натерал Боки 13 да му бара пари на Камчев а специјалната обвинителка ја принудил да му го врати пасошот на бизнисменот. Димитров точно знае, како што знае голем дел од јавноста, во чии кабинети на власта и како се пишувале обвиненијата на СЈО и можел да реагира порано.
Сега е веќе доцна, дискредитацијата на СЈО и целиот правосуден систем е и негово лично дело направено со нечинење, со молкот за политичкиот реваншизам и ослободување на вистински криминалци и терористи.

8. Застрашувачка порака од Димитров. За момент помислив дека Миленко му го хакирал профилот на шефот на дипломатијата.
„Да се преброиме“ е фразата која искажана од еден од најмоќните луѓе во Владата звучи толку фашистички што ме фаќа страв.
Како ќе се пребројуваме? По пол, по род, по тежина, по сексуална припадност или по наши и ваши. Како да се пребројуваме кога идејата беше да имаме „едно општество за сите“.

Или во тоа општество нема место и за нас кои сакаме да имаме богато и стабилно општество во кое сите ќе бидат еднакви пред законите, но не се слагаме со националното предавство и кршењето на уставот кој насилно го смени Димитров и неговите колеги во владата, сега веќе поранешни другари.

9. Не очекував дека Димитров ќе проговори и за другите теми за кои допрва ќе го јаде срамот во Брисел. Во негов стил го кажа само тоа што сакаше да го каже а го изостави тепачот Курто Дудуш на пример.
Се разбира дека го премолче и случајот Рашковски, затоа што така ќе требаше да ме брани и мене, како новинар што ја откри аферата и кој беше повикан во полиција за да објаснува зошто снимениот разговор на Рашковски е важен за јавниот интерес.
И не мора да проговори. Кога наскоро ќе го викнат во Брисел, Рим, Берлин или Париз да објаснува за „мафијата“ која што тој ја претставува како прв дипломат низ светот ќе има прилика да се изјасни. Ако не биде предоцна, и за него и за Македонија.

SHARE