Недостојни за жртвата на бранителите – Пишува Роберт Димитриевски

Советник?! Еј, советник на премиерот во име на Владата им оддаде почит на десеттемина припадници на резервниот состав на Армијата на Република Македонија убиени во заседа од ОВК кај Карпалак во 2001 година?! Од цела влада на чело со него, 23 министри, 16 министерства, па заменици-министри итн., Оливер Спасовски на местото на погибијата пратил „дури“ свој советник за одбрана?!

Спасовски, како и претседателот и врховен командант Стево Пендаровски и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска како најповикани „немаа(т) време“ за тие што го положија животот на олтарот на татковината. А имаа време пред само еден месец да ја шпартаат „нашата земја“ вдолж и попреку, барајќи ја довербата за уште четири години на државни јасли.

Пендаровски баш денеска најде да го посети нуркачкиот тим на „Армијата“ (која?), без да изусти ниту збор за нејзините жртви на автопатот Скопје – Тетово кај Групчин пред 19 години. Спасовски се задоволи со испраќањето на споменатиот советник непознат за пошироката јавност. Шекеринска, пак, имаше време да се слика пред грбот на УЧК во канцеларијата на кичевскиот градоначалник, но не и за да им се поклони на загинатите од институцијата што ја администрира.

Б-Р-У-К-А!

Тоа ли е „благодарам“ за жртвата на тие што не се криеја при мобилизацијата кога беше нападната државата од Косово и одвнатре? А некои други глумеа неспособни за служење војска, за подоцна да седнат во удобни кожени фотелји и да се расфрлаат со народните пари, додека бранители и нивни семејства одвај врзуваат крај со крај. И кога многумина од тие тие што убија, ранија и оставија инвалиди меѓу безбедносните сили сега бркаат со прстот во теглата мед, не морајќи дури ни да мрднат од дома.

За тоа ли загинаа прилепчаните Марко Деспотоски, Нане Наумовски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Пеце Секулоски и Веби Рушидоски, покрај десетици други од армиските и од полициските сили? Свесни ли се замислените државници, а во основа обични партиски апаратчици, со својот однос кон хероите каква порака испраќаат до сите што, не дај боже, некогаш повторно би биле повикани да ја бранат својата земја?

„Некој евидентно работи за овој настан полека ама сигурно да почне да се заборава“, ќе констатира еден од бранителите присутен на „чествувањето“ на Карпалак.

Срам и арам!

SHARE