Нека е и Богородица, Катица должи објаснувања – пишува Горан Момироски

Откако шефицата на СЈО избега од новинарите во јавноста се чувствува празнина која мора да биде пополнета.

Секој ден без објаснувања за огромен број логични прашања за случајот Рекет, значи удар за имиџот на Јанева, СЈО, Владата па дури и за странските амбасадори но најмногу за македонската правна држава која е главен услов за датум за преговори за ЕУ.

Деновиве слушнавме и многу лични разочарувања од луѓе што се крстеа во Катица Јанева, чувме и многу ситење за тие што носеле маички со нејзината става (со уште две други обвинителки).

Не мислам дека луѓето грешеле затоа што верувале дека специјалната обвинителка може да ја извади Македонија на прав пат.
Не само затоа што и јас сум еден од оние што јавно веруваа дека Јанева Може да направи разлика, и за тоа од делови од тогашната власт бев прозиван за “шурување” со странците кои што ја инсталирале.

Туку затоа што е најголем злостор било кому е да му се одземе правото да се надева да биде подобро, да има надеж во луѓе.

Луѓето веруваа дека Јанева која ја имаше поддршката од сите можни фактори дома и во светот можеше да ја смени Македонија. Со ум, баланс, скромност, честитост…

За жал таа го избра пократкиот и полесниот начин да влезе во историјата.

Сега е веќе доцна, дури и да не биде дел од обвинение таа ја уништи надежта дека треба да се верува во луѓе, проекти, идеи..
По се што се случи и што ни се случува, Катица не смее да молчи, мора да каже што се случувало со Боки 13.

Функционерката со убедливо највисока плата хо должи тоа на јавноста, на соработниците, на тие што и веруваа, на амбасадорите што ја поддржуваа кога и беше најтешко.

Не помалку важно е да каже од што е болна.

Да точно е, здравствената состојба е лична работа на секој граѓанин но кога се работи за функционер од кого зависи иднината на држава, во најмала рака на правосудството, и човек кој по премиерот ја има најголемата моќ и ресурси во државата таа мора да каже од што е болна и дали дијагнозата влијае на нејзината деловна способност да го води СЈО.

Не слушнавме дали е се уште на боледување, не чувме кој го издал истото.

Со оглед на тоа што на прес конференцијата не видовме никакви видливи здравствени проблеми логично е ова прашање за нејзината здравствена состојба да биде уште поактуелно.

Ја боли ли ногата, раката, главата или се работи за проблеми од поинаков вид јавноста има право да знае. Ако се работи за состојба која не е добро да биде откриена Јанева не смее да оди на работа, не смее да има пристап до тајни и доверливи документи, не смее да одлучува односно мора да се повлече од било каква оперативна функција.

Ваквиот вид сомнежи за нејзина нарушена деловна состојба се уште посилни ако се земе предвид дека таа со месеци знаела дека Боки 13 и други луѓе ја злоупотрбувале а не сторила ништо во врска со тоа.

Како што во октомври 2015 година со колумна во тогашен провладин медиум и искажав поддршка за Јанева така сега барам одговори од неа.

Линк до колумната од 2015: Обвинителка со специјални потреби

SHARE