Некои прашања не заслужуваат одговор – Пишува Роберт Димитриевски

Штом и Хан се активирал со поддршка за најавениот референдум за договорот Заев-Ципрас, со кој се менува личниот опис на тоа што од плебисцитот за независност на 8 септември 1991 година до денес беше познато како Република Македонија, јасно е дека е означен стартот на завршните операции за решавање на „македонското прашање“ за навек. Уште појасно е дека во претстојните три-четири месеци ќе се изврши невиден притисок и однадвор, покрај веќе почнатата кампања на СДСМ и неговите трабанти од владеачката коалиција, за македонските граѓани сами да си стават печат на тапијата со која утре ќе ги удираат по глава сите што ќе мислат да ја кренат и да се обидат да го вратат тркалото на историјата. Исто како со референдумот за територијалната поделба од 2004 година, ќе се нудат шарени лижавчиња (тогаш тоа беше признавањето од САД како „Македонија“), а за возврат граѓаните сами да си пресудат, без да си ги валкаат рацете божемните пријатели од белиот свет.

Нема што, идејата им е за Нобелова награда, како што потрчаа душегрижниците да ги предложат македонскиот премиер и неговиот грчки колега, само уште да убедат најмалку 50 проценти плус еден од идните „граѓани на Република Северна Македонија“ со право на глас да го направат валиден референдумот. Дури и со стопроцентна излезност на гласачите од немнозинските заедници, што е неизводливо поради отсуство од државата, незаинтересираност, а, зошто да не, и одбивање да се учествува во нешто со кое директно им се брцнува во окото на сожителите Македонци, бидејќи само нивниот идентитет е доведен во прашање, главниот збор ќе го има македонскиот народ. Ако се има предвид дека во Македонија има околу 1,8 милиони избирачи, за да важат резултатите од референдумот мора да излезат околу 900.000. Со оглед, пак, на тоа дека, според последниот попис од 2002 година, 64,17 проценти од државјаните на Македонија се Македонци или речиси две третини од вкупното население, јасно е дека топката е во нивни раце.

Затоа и притисокот ќе биде насочен токму врз нив, а власт поддржана од најголемите центри на моќ во светот за тоа има колку сакаш опции на располагање – и „морков“ (зголемување на платите на државната администрација и на пензиите, вработувања во јавните служби и на централно, и на локално ниво, популистички економски мерки од типот намалување и/или укинување давачки итн.), и стап (заплашувања со бркање од работа или со деградирање на работното место и со намалување плата, укинување субвенции за земјоделци или за самовработување, закани со одземање социјална помош или со непродолжување инвалидски пензии итн.). Имаат многу механизми да влијаат врз излезноста, освен еден – не можат да им влезат во главите на луѓето, да ги купат нивните души. Колку некому и да му се чини можеби невидлива во моментов, од срцето на вистинскиот Македонец не може туку-така да се откорне љубовта кон единственото преостанато парче земја на која сè уште може слободно да се самоопредели етнички. Колку само македонски семејства пропатиле и дале жртви од своите најблиски токму поради тоа што се и како влог за слободната и самостојна македонска држава во која денес живеат тие и нивните потомци, за да стават точка на тоа само со едно заокружување со пенкалото. Токму нивната самосвест и нивните емоции се варијаблата што не можат да ја контролираат, колку и да се обидуваат.

Македонците имаат единствена, веројатно и последна шанса, преку својот однос кон најавениот референдум наесен сами да решат за својата иднина и за тоа што ќе им го остават на своите деца и на нивните деца. Само од нив и од никој друг зависи дали ќе паднат на слаткоречивоста на странските емисари што ќе нагрнат летово и на уште еден контингент ветувања од истата СДСМ што е на власт и сега, а го организираше и референдумот пред 14 години, само што тогаш ги убедуваше дека „некои прашања не заслужуваат одговор“. Каква ли иронија на судбината, сега мора да ги убедува да постапат спротивно, меѓу другите, и тие што тогаш ја молеа да не го прави тоа, посебно Македонците од Струга и од Кичево!

Шанса за релативно брзо враќање на власт има и ВМРО-ДПМНЕ, но не со учество на референдумот и со агитирање кај членството и кај симпатизерите во тој правец. Еднаш веќе му направи услуга на најголемиот политички противник при изборот на Бранко Црвенковски за претседател во 2004 година, кога со самото учество со свој кандидат тогаш му помогна да го натфрли педесетпроцентниот праг на излезност. Околностите се исти и со исто постапување на опозицијата како пред 14 години не само што ќе покаже дека не ја научила лекцијата, туку ќе биде и соучесник со СДСМ во проектот „Северна Македонија“, со сите последици врз македонскиот народ не само во неговата матична држава. Ако мислат дека со сите легални средства ќе го урнат на референдум договорот што го прогласија за капитулација, нека се сетат со какви средства беше „избран“ Талат Џафери за спикер на македонското Собрание. Впрочем, нели е легално средство на политичка борба и бојкотот, дотолку повеќе што не чини ни пет пари, а носи политички капитал што може да се валоризира на следните избори?

Секој во животот прави избори, кои му го определуваат животниот пат. И обичните луѓе, и партиите, и цели народи. Македонците се пред историски крстопат и од нив и само од нив зависи во кој правец ќе се движат. Ни од Албанците, ни од Турците, ни од Ромите, ни од Власите, ни од Србите, ни од Бошњаците, со кои битисуваат под ова небо, па ни од „меџународната“. Утре нема да имаат никакво право нив да ги обвинат ако резултатот на референдумот ги одведе во насока за која не се надевале и не ја посакувале. Изговорите од типот „нè излажаа“ и „не очекувавме да биде вака“ по сите премрежиња, посебно во последните неколку години, ќе им вредат колку ланскиот снег. Освен ако не решат дека токму излегувањето на референдумот е излезот и за нив, и за нивните семејства, и за државата, што исто така е легитимен избор, но и тој не остава простор за каење, како по онаа работа.

Како што пееше Каролина Гочева на „Евросонг“ – „Од нас зависи“.