Нема договор за Гоце Делчев

Дијаметрално спротивставени остануваат позициите на македонските и бугарските историчари за Гоце Делчев, а на денешната осма средба на заедничката Комисија за историјата и образовните прашања постигнат е мал напредок за средновековната историја.

„По однос на разговорите посветени на Гоце Делчев не успеавме да постигнеме напредок во однос на претходната седница“, изјави претседателот на македонска група во комисијата, директорот на Институтот за национална историја, професорот Драги Ѓорѓиев.

„Тука доаѓаат до израз различните историографски гледишта по однос Делчев и поради тоа доаѓа до несогласувања на членовите на комисијата. Тука засега е проблемот, се обидуваме со разни предлози тоа да го надминеме“, појасни Ѓорѓиев.

Првиот човек на бугарскиот тим со цврст став дека прашањето прашањето за Гоце Делчев бара јасен и недвосмислен одговор, односно дека одговорот на тоа прашање го дал самиот Делчев.

„Ние не тврдиме дека Делчев е Бугарин, тоа тој самиот го тврди. Ние само ги следиме фактите и ја гледаме документацијата во која не само тој туку и неговото семејство, најблиските негови соработници јасно и декларативно го декларираат неговиот идентитет“, рече Димитров.

Ѓорѓиев исто така инфопрмираше дека на средбата во Охрид се разговарало за учебниците за шести клас во Бугарија и за седмо одделение во Македонија.

„ Во однос на учебниците направен е солиден чекор напред, со разгледување на нашите забелешки по однос бугарските учебници, и во добар дел успеавме да ги поминеме. Останаа уште две забелешки што ќе бидат разгледувани на следната средба. Останаа места околку кои не се согласивме, за кои и не мора да се согласиме, некои работи остануваат неприфатливи за една од страните“. рече Ѓорѓиев.

Следната средба треба да се одржи во Бугарија.

SHARE