„Нема компромис – Гоце е Бугарин“, вели Захариева (ВИДЕО)

Зa Бугарија е неприфатлив предлогот од македонска страна, ликот и делото на Гоце Делчев заеднички да се чествува на 7 октомври, ден кога во 1946, Бугарија ги предала посмртните останки на Македонија.

Захариева вели дека кога го видела предлогот прашала дали е шега.

Датумот 7 октомври, што се нуди е неприфатлива, бидејќи тоа е датум на најголемото предавство што Бугарската комунистичка партија го направила спрема бугарскиот народ, вели шефицата на бугарската дипломатија и вицепремиерка, Екатерина Захариева во интервју за бТВ.

„Повеќето Бугари не слушнале за овој датум, датум на едно од најголемите предавства на БКП. На 7 октомври 1946 година под притисок на Сталин и Тито кои не сакаа голема балканска држава во лицето од Бугарија, Георги Димитров ги испрати коските на Гоце Делчев во Скопје“, рече Захариева.

Министерката изјави дека најважните прашања за Бугарија, за што комисијата треба да постигне согласност, се Гоце Делчев и Илинденското востание. Таа истакна дека е постигната согласност за средновековната историја – за делото на св. Св. Кирил и Методиј, за цар Самуил и за св. Наум, но истакна дека Гоце Делчев и Илинденското востание се „клучни“.

„Гоце Делчев сам кажувал што е – Бугарин е. Го напишал десетици пати“, вели Захариева и додава дека целата идеја за македонската нација е создадена на основата на разделување од Бугарија.

SHARE