Продолжуваат преговорите за тоа како ќе се организира наставата за учениците соопшти министерот за образование и наука, Арбр Адеми на денешната прес конференција, откако денеска не е донесена одлука.

„Има повеќе модели за кои се разговара, но се ќе зависи од епидемиолошката слика низ градовите во земјава. Во овој момент е најлесно тоа да биде со онлајн учење, но, преговорите продолжуваат и во наредните денови“, вели Адеми.

На социјалната група „Поддршка за онлајн настава во учебната 2020/2021 година” во која членуваат над 10.000 лица, родители, наставници и голем број на здравствени работници, објавено е барање до надлежните институции, во кое се потенцира дека поради возраста на првачињата, и неможноста за нивно самостојно почитување на здравствените протоколи, со онлајн наставата да бидат опфатени сите ученици.

„Со предложениот модел за физичко присуство, дополнително се комплицираат обврските на родителите, а доколку во целиот тој процес бидат вклучени бабите и дедовците (што се чини неминовно), доколку родителите се на работа, се ризикува животот на најранливата категорија граѓани. Без исклучок да биде дадена можноста еден од родителите на децата до 10 годишна возраст, да биде ослободен од работа или да има скратено работно време. Децата до оваа возраст не можат самостојно да престојуваат дома, особено кога можноста за целодневна настава е исклучена“, се вели во барањето од родителите.

SHARE