Ексградоначалник, бивш премиер, несуден нобеловец за мир, за малку министер за финансии, греач на фотелјата на Бранко, претседател на СДСМ, мандатар за нова влада… Нема што не е и што не може да биде Зоран Заев.

Како тргнал, ќе му го земе лебот и на шефот на дипломатијата Никола Димитров. Замисли, додека од петни жили се труди да ги исполни сите услови на ДУИ, па и тоа што не го бараат, само за да се врати во премиерскиот кабинет на „Илинденска“, најде време и да го честита договорот за нормализација на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати?!

Уште не се исуши мастилото од перата на претставниците на двата досегашни непријатела, стигна радосната вест од Македонија. Срцето им се растрепери од слатка возбуда на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и на претседателот на Емиратите, Калифа бин Заед ал Нахјан, од честитката од Заев на Твитер. Посебно дека е на совршен англиски јазик, а веќе надалеку се прочуени полиглотските афинитети на Зокито. Може(ше) тој и на бошњачки или на црногорски да ги поздрави, оти низ интервјуа се испраксира и ги „шпреха“ напати и подобро од мајчиниот му „службен јазик според Уставот на РСМ“, но нека. Неќе да се фале чувеко…

Важно, ја постигна целта. Цел Блиски Исток сега со пиетет говори за широчината на светогледот на великанот во меѓународните односи од малата „Северна“. Во чајџилниците во Абу Даби и во кибуците во Тел Авив главна тема на муабет е неуморниот мултиталент, кој, откако ги „оправи“ Македонија и македонскиот народ, сега меѓу редови ги нуди своите услуги и во најневралгичниот регион на планетата. Како ли само постигнува меѓу две рунди ептен тешки преговори со Ахмети да се заинтересира за односите меѓу Израелците и Арапите, се прашуваат тие, споредувајќи го со Тито и неговата политика на детант и на активна мирољубива коегзистенција.

Не ли му успее да состави влада, и покрај честитката за добиениот мандат од американската амбасадорка Брнз, на Заев не му гине функцијата специјален пратеник. На Обединети нации или на Европска унија, не е важно. Pse jo? Претставителен и елоквентен, како што го дал Господ, кој, нели, го црпнал од нивата во Муртино, според сопствено признание, оти па да не шири мир низ светските напоредници и меридијани?

Башка, ако може Димитров да бара од Ким Јонг Ун да ја денуклеаризира Северна Кореја, а од јеменските Хути да не ја ракетираат Саудиска Арабија, што па да не може од Зоки да стане миротворец? И да не го разберат завојуваните страни, нема шанси и највоинствените меѓу нив да не ги разоружа со насмевката како на дете што со голем жар раскажало виц, а никој не се смее.

Баш како и Македонците. Бидејќи ѓаволот одамна ја однесе шегата, па веќе не знаат дали да (му) се смеат или да плачат…

SHARE