Ники и Зоки немаат одговор на клучно прашање за Рекет – пишува Горан Момироски

Новинарот на италијанскиот весник Ла Верита, Ларис Гајзер, кој ги објави материјалите за случајот Рекет ја открива најслабата точка на македонската влада во контекст на случајот Рекет и датумот за преговори со ЕУ.

Во нов напис за состојбата во земјава Гајзер го поставува прашањето за постапувањето на Владата и премиерот Заев откако тој дознал за криминалот на Катица Јанева и Боки 13 до апсењето на шефицата на СЈО.

Гајзер прашува зошто иако Заев за криминалот знаел неколку месеци ниту една институција не реагирала се додека скандалот не беше објавен во Ла Верита.

На ова прашање одговор нема ниту актуелниот шеф на дипломатијата кој за оваа тема бил запрашан неодамна на Стратешкиот форум на Блед каде што учествуваа високи европски и американски дипломати меѓу кои и Метју Палмер новиот американски специјален пратеник за Балканот.

Димитров во Блед го бранел и го фалел неговиот шеф Заев дека прв пријавил во обвинителството но не кажува зошто институциите со месеци молчеле и го криеле криминалот.

Да биде фарсата поголема дури и по објавувањето на материјалите од кои сите видовме дека има криминал, Катица Јанева доби шанса долга 30 дена за да скрие траги, за брише компјутери, да влијае на сведоци и да направи правосудно – политички договор со тие што имаат моќ во Македонија.

Речиси извесно молкот и непостапувањето за Рекет ќе продолжеше се до сега ако Гајзер не ги објавеше материјалите во кои јасно се гледа дека е правен голем криминал за кој институциите не знаеле или не сакале да знаат.

Шефот на дипломатијата на Блед немал одговор на прашањето зошто неговата Влада молчела толку долго, пишува Гајзер во својата последна анализа на темата:

“Откритијата за постоечката корупција во македонскиот политички и судски систем обзнанети од страна на Ла Верита минатиот месец, беа константен дел и од неформалните дискусии, а исто така и од јавните.

За време на последната сесија (Бледски форум), модераторот на тркалезната маса посветена на Балканот го праша МНР на Македонија – Никола Димитров, дали неговата земја за да стане полноправна членка на ЕУ е подготвена да се бори против корупцијата, и онаа поврзана со случајот Рекет, објавен од нас.

Гарантирајќи дека сите одговорни ќе бидат казнети и дека екс обвинителката Катица Јанева веќе се наоѓа во притвор, додаде и дека прв што побарал да се отвори истрага за работите околу изнудувањето од Боки13, бил премиерот Заев, многу време пред скандалот да биде објавен од Ла Верита.

Димитров, носејќи се формално-коректно, не успеа да објасни од кои причини се’ до нашата интервенција, ниту еден надлежен орган, иако ги поседувал истите доказни материјали, не ги презел потребните мерки и ги оставил наводните виновници да бидат на слобода. Таа иста слобода којашто беше веднаш беше одземена, следствено на нашите објавувања”, пишува Гајзер во текстот насловен “Со новиот претставник на САД за балканот до запирање на кинески продор во Јадранот”.

Премиерот Заев и неговата влада мислат дека со апсењето на Катица Јанева и Боки 13 ја завршиле својата работа и го исчистиле својот образ.

Како да не се свесни дека еден ден и тоа многу побрзо од тоа што се надеваат, ќе мораат да дадат одговор зошто навреме не се преземени соодветни процесно правни чекори против сите инволвирани.

Како што на пример тоа се случи со новинарите кои го објавија скандалот Рашковски, МНАВ и Леонардо.

За разлика од Рекет каде што институциите молчеле со месеци, во случајот Рашковски од страна на генералниот секретар на Владата во рекордно време до МВР е поднесена кривична пријава по што во полиција се испрашувани двајца новинари.

Зошто Рашковски, Заев или Димитров не напишале веднаш кривична пријава за Јанева и Боки 13 а имале индиции за тежок криминал.

Зошто истиот урнек и брза реакција како за материјалите за тендерот вреден 7 милиони евра не биле користени и во моментот кога Заев ги видел и чул снимките за Рекет, некои луѓе еден ден ќе мораат да објаснат.

И ќе сносат законски последици.

Политички последици веќе не се доволна санкција.

Ваков вид последици веќе не е ни можен за луѓе кои што одамна ги загубиле елементарните морални и етички вредности.

SHARE