Никој не смета на нас и тоа ни е предност, вели селекторот на одбојкарите пред ЕП

Селекторот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Матијашевиќ, смета дека аутсајдерската улога што ѝ ја доделуваат како дебитант е предност пред утрешниот старт на 31. Европско првенство во Словенија против Финска во 17:30 часот.

„Фактот дека Македонија првпат настапува на европските првенства е прекрасен увид во напредокот на одбојката во нашата земја. Тука сме првпат, но тоа не значи дека можеме лесно да бидеме совладани. Во секој случај, Русија и Словенија се фаворити не само во оваа група, туку и за медалите. Тука се и Турција и Финска, со многу поголемо меѓународно искуство. Ако добиеме еден натпревар, ќе бидеме многу поразиграни и релаксирани и можеме да изненадиме секого. Никој не смета на нас и тоа веројатно е наша предност“, изјави Србинот на македонската клупа на денешната последна прес-конференција пред утрешниот почеток на шампионатот.

Покрај со Финска, Македонија во рамките на групата Ц во Љубљана ќе ги одмери силите и со Турција в петок од 17:30 часот, со бранителот на титулата Русија в сабота од 17:30 ч., со Белорусија в понеделник од 20:30 ч. и со домаќинот Словенија во вторник од 17:30 ч.

Четирите најдобри селекции од групата во осминафиналето ќе вкрстат со првите четири од групата А во која се Бугарија, Франција, Грција, Италија, Португалија и Романија.