Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вели дека предупредувал на штетата која може да се случи со потпишувањето на штетните договори со соседите.

„Уште во 2019 година апелирав дека заради овие договори Македонија во иднина може да се соочи со блокада од соседите, да прифатите комисија за историја да решава за иднината на државата е политички аматеризам и неприфатливо“, вели Николоски во интервјуто за МКД.мк

„На Балканот каде што отсекогаш имаме нерешени историски прашања, да прифатите дека комисија за историја помеѓу две држави ќе треба да усогласи заеднички став за клучни историски личности, личности врз кои се создава македонската држава е нешто со што може само штета да направите на сопствената држава. Во април побарав заеднички став и изработка на стратешки документ кој ќе е обврзувачки за сите фактори во државата и ќе се користи како одговор на уцените од Република Бугарија. Наместо тоа, СДСМ се обиде да релативизира и да ја игнорира опозицијата. Сите овие погрешни политики за кои ние апелиравме ја донесоа Македонија во ќорсокак и сега имаме сериозен проблем во евроинтеграциите на државава, нешто што е од интерес за сите граѓани. Ако ВМРО-ДПМНЕ сега ја водеше владата, ќе имаше еден отворен и искрен дијалог со опозицијата и ќе правеше сѐ да изгради национална стратегија, заедничка позиција и да ги искористи најдобрите умови без разлика од која партија се, затоа што така прават паметните и успешни држави“, вели Николоски.

На прашањето на МКД „Како би го решиле вие проблемот со Бугарија?“, Николоски вели дека со силна дипломатија и реформи внатре во државата и искрен однос со јасно исцртани национални позиции подржани од сите, може да ја придвижат ситуацијата на подобро од ова што го имаме во моментов од Зоран Заев.

SHARE