НМ: Саботажите на Софија и планот за блокада на Македонија

Во анализа “Како Бугарија ја саботираше комисијата за историја и го подготвуваше ветото” од Далибор Станковиќ весникот Нова Македонија открива информации и позиции на бугарската комисија за историја кои даваат поинаков аспект на вистината од таа што ја пласира Бугарија.

Според анализата што се темели на јавни информации но и брифинзи од луѓе инволвирани во процесот на преговори се открива дека уште од пред две години Бугарија правела терен за вето.

Македонска култура, македонска историја, македонски дејци и револуционери се категории кои во ниту еден момент не се прифатени од Бугарска страна со цел еден ден, ако Македонија попушти, заедничката историја да стане исклучиво Бугарска.

“Проблемите во работата на комисијата значително се усложнуваат со врамувањето на нивните хегемонистички позиции во „резолуција“ во бугарското собрание, по што следуваше уценувачкиот „објаснувачки меморандум“. Исто така, за издвојување е дека прашањето за непотпишувањето на записниците од седниците на комисијата било сериозно спорно(?!). Сега, по последната онлајн средба, дознавме дека непотпишувањето било поради придавките македонски, македонско и македонска…

Некаде во декември 2018 година, копретседателите на македонско-бугарската мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања излегоа во јавноста со соопштение дека комисијата усвоила предлог-препорака до владите на Македонија и на Бугарија за заедничко чествување на Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, како и Григор Прличев.

Во оваа пригода Ангел Димитров, поранешниот бугарски амбасадор во Македонија, копретседател на комисијата (и еден од авторите на контроверзната стратегија позната како „Бугарската политика спрема Република Македонија“), на заедничката прес-конференција информира: „Со нашите колеги од Република Македонија се согласивме од научна точка да оправдаме зошто нашите две влади треба да продолжат да го чествуваат заеднички Денот на светите браќа Кирил и Методиј“ (за заедничкото чествување во Рим). Димитров исто така потврди дека била постигната согласност да се продолжи во двете држави да биде почитуван и одбележан Григор Прличев како човек со заслуги за културниот и општествениот развој.
Според информациите до кои дојде „Нова Македонија“, двете страни се договориле да препорачаат до соодветните влади редовно одбележување на Св. Кирил и Методиј како сесловенски просветители, додека пак за другите личности, како што се Св. Климент, Св. Наум, Самуил и Григор Прличев, е препорачано одбележување јубилејни годишнини.
Конкретно, на декемвриската средба во 2018 година двете страни се согласиле дека ќе ги чествуваат Кирил и Методиј како „сесловенски просветители“, а Григор Прличев како личност што има заслуги за македонската и бугарската култура. Ако внимателно се анализира, во однос на прашањето за чествувањето на солунските браќа ниту една страна не прави отстапки ако се земе предвид дека одлуката е усогласена – станува збор за личности „сесловенски просветители“, пишува Нова Македонија во својата анализа која го открива планот на Бугарија.

Целата анализа на овој ЛИНК