Нов антисемитски испад: Во Македонија нема Евреи, глупаво е Мизрахи да изигрува еврејска жртва

Нов случај на антисемитизам во Македонија во кој со објаснување на омразата кон Евреите се шири антисемитизам.

Новинарот Миодраг Мишолиќ кој порача дека СДСМ треба да се казни поради лошите политики но треба да остане на власт затоа што ВМРО-ДПМНЕ е поголемо зло, тврди дека во Македонија нема Евреи.

Својата изјава тој ја дава само неколку часа откако првата министерка Еврејка во македонската влада од Собранието изјави дека е горда Еврејка од Македонија.

Мишолиќ со изјавата ги негира наследниците на над 7000 македонски Евреи кои од страна на бугарските фашистички власти во втората светска војна беа депортирани во логорот Треблинка а кои останале да живеат во Македонија.

Во моментов според податоците на Еврејската заедница во Македонија живеат нешто над 200 Евреи чие постоење Мишолиќ го негира.

“Од сите политички омрази за кои сум слушал, единствено не го разбирам антисемитизмот. Многу добро знам што е расизам, ксенофобија, верска нетрпеливост, хомофобија, супер знам што се национализам и шовинизам, но се’ уште не можам да сфатам зошто Евреите биле и се толку омразени. Најверојатно, односно сосема сигурно, тоа е затоа што, за жал кај нас нема Евреи, па не сме ни задојувани со нетрпеливост кон нив. Затоа, тотално е апсурдно и глупаво, бившата министерка Мизрахи да го истакнува своето еврејство, и да се обидува да изигрува жртва на таа карта. Никој нема ништо против нејзината етничка припадност. Напротив. За мојата генерација, синоним за Евреите се Алберт Ајнштајн, Артур Рубинштајн и слични гении на науката и уметноста”, пишува Мишолиќ во своето шокантно тврдење оспорувајќи го правото на 200 луѓе да се чувствуваат како Евреи.

Антисемитизмот според американскиот Стејт Департмент делумно е дефиниран како:” Забрана за самоопределување за Евреите”, нешто што Мишолиќ како новинар треба да го знае пред да “избрише” постоење на цела национална и верска заедница од македонската реалност.