Нов предлог за име поврзано со Крушевска република!?

Атински „Катимерини“, пишува дека на преговарачката маса е ново име поврзано со Крушево и кое сè уште не е откриено во јавноста, но за кое се разговарало на последната рунда преговори во Њујорк.

Според весникот, како што пренесува „Фокус“  новото име се однесува на Илинденското востание и на Крушевската република од 1903 година, и дека таквото име ќе го рефлектира словенското потекло на земјата, отфрлајќи поврзаност со антиката.

Според „Катимерини“ македонската страна ги одбила предлозите Горна Македонија и Нова Македонија како „ерга омнес“.

Весникот „То Вима“, пак, пишува дека од петте имиња од оригиналниот пакет идеи на Нимиц, на маса се уште се наоѓале три: Горна Македонија, Нова Македонија и Северна Македонија.

Предлогот „Република Илинденска Македонија“ повеќе не постои, а клучна точка останува имплементацијата на клаузулата erga omnes, пишува „То Вима“.

Министрите Никола Димитров и Никос Коѕиас утре би требало да се сретнат во Брисел каде ќе се одржи состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ.