Новата власт да отвори министерство за дијаспора, бара македонска активистка од Франција

Сузана Сурловски-Ѓеоргиевска, претседателка на Асоцијацијата „Блаже Конески“ од Париз, од власта што ќе се формира во Македонија по претстојните парламентарни избори бара да го стави на дневен ред прашањето за отворање министерство за дијаспората.

„Во 2011 година првпат беше спроведено гласање на македонското иселеништво во дипломатско-конзуларните преставништва и по неколку изборни циклуси не се најде решение кое ќе го олесни гласањето на дијаспората.
На 15 јули во Македонија треба да се одржат предвремените парламентарни избори, но на македонските иселеници ова право загарантирано со Уставот им е скратено, под изговор за неисполнет цензус на пријавени гласачи. Знаеме дека кон сето ова свесно се пристапи за да може да ѝ се скрати гласањето на дијаспората. Но, и во овој период на предизвици дијаспората ќе ја искористи секоја можност за да ѝ помогне на Република Македонија.
Почитувани пратеници и политичари (иаку многу од нив не би ги ставиле во ‘почитувани’), дијаспората е значаен сегмент и нераскинлив дел од Р. Македонија! Македонија има повеќемилионска дијаспора која може на многу начини да помогне. За целосна соработка помеѓу Р. Македонија наредната власт треба да го стави на дневен ред прашањето за отварање на министерство за дијаспората, кое би работело во корист на Македонија. Едно вакво министерство би било задолжено за македонското малцинство во соседните земји и за македонските иселеници ширум светот. Министерството за дијаспора би имало цел да ги заштити македонскот идентитет, јазик и култура, како и да влијае позитивно врз надворешната политика во државите каде што живеат македонските иселеници“, смета Сурловски-Георгиевска, која повикува за смена на сегашната власт.

„Да застанеме и да се обединиме сите против злото кое ја води нашата земја во целосен колапс и пропаст. На 15 јули дајте го својот глас за спас на Македонија и за нејзин опстанок! Затоа што Македонија го заслужува тоа, затоа што ние резервна држава немаме“, заклучува македонската активистка од Франција, чие здружение во 2015 година доби Повелба на Република Македонија од тогашниот претседател Ѓорге Иванов.

SHARE