По извесен период на затишје, македонско-грчките односи одново се брануваат, а сега камен на сопнување е кратенката МКД, која Грција се обидува да ја замени со РНМ, како акроним од англиската верзија на името „Република Северна Македонија“.

Грчкиот весник „Прото тема“ пишува за интензивна комуникација за ова меѓу министерствата за одбрана на двете земји при изготвувањето на Програмата за воена соработка (ПСС) за 2020 година.

На доставената верзија на текстот од грчка страна, македонската реагирала со барање за користење на меѓународната ознака МКД, која остана во сила и по потпишувањето на Преспанскиот договор.

Во доверлив документ од Грчкиот национален генералштаб на одбраната (ГЕЕТА), што го наведува весникот, се вели дека во Акцискиот план на Македонија за 2019 година, во ПСС 2019 и при сите релевантни активности се користела кратенката РНМ „со согласност на таа земја“. Ставот на Генералштабот е дека ПСС 20 не треба да биде потпишан со кратенката МКД и треба да се обидат да се користат имињата на државите како целина (Грција – Република Северна Македонија или Северна Македонија) со цел да се надмине прашањето за кратенки и знаци што е можно поскоро и да се спроведат активностите од ПСС 2020.

„Прото тема“ го цитира и грчкиот амбасадор во Скопје, Димитрис Јанакакис, според кој од службени лица му било посочено дека во пресрет на парламентарните избори на 15 јули кратенката РНМ не може да биде прифатена.

„Во секој случај, ненадејното промовирање на тешко барање во последен момент се чини дека е популарна тактика тука“, коментира тој.

Во својата доверлива и итна телеграма до централната канцеларија на Министерството за надворешни работи во Атина, Јанакакис исто така истакнал дека Европејците не ги споделуваат грчките аргументи за потребата од употреба на кратенката РНМ.

„Нашите соговорници во ЕУ тука разбираат дека првично РНМ се користи во јавната администрација. Сепак, тие тука го прифаќаат аргументот дека иницијалите МК и МКД се предвидени во член 1 став 3 од Договорот од Преспа за сите случаи и не го поддржуваат нашиот аргумент дека ним им треба поинаква регулатива за кратенките што се користат за Северна Македонија во контекст на ЕУ и НАТО“, вели амбасадорот за „Прото тема“.

Во член 1, став 3 од Договорот од Преспа стои: „Кодовите на земјата за табличките за автомобили на втората страна се НМ и НМК. За сите други цели, кодовите на земјата остануваат МК и МКД, како што официјално ги издаде Меѓународната организација за стандардизација“.

SHARE