Објави ли СДСМ потерница по тројца новинари? – пишува Горан Момироски

Проблематичен пост на социјалните мрежи објавен од Фејсбук страницата “Криминалиите на ВМРО” за кој мора да реагираат здруженијата на новинарите: ЗНМ, МАН и другите медиумски организации.

Во постот на профилот кој се смета за алатка со која СДСМ или група блиска на владеачката партија се пресметува со опозицијата се направени неколку груби напади врз новинари кои се критички настроени кон власта.

Нападот врз новинарите доаѓа една недела откако двајца од нив, Љупчо Златев и Александар Митевски го ставија во тесно генсекот на Владата Рашковски за случајот Леонардо а вчера ја објавија аферата со двајцата руски шегаџии во која настрада премиерот Заев.

Предходно Златев објави и аферата во која градоначалникот на Шуто Оризари од СДСМ Курто Дудуш е обвинет дека тепал вработен при што објави и аудио материјал.

Што пишува во нападот врз тројцата новинари од групата која има над 50 илјади следбеници а се смета за блиска на СДСМ:

“МАКЕДОНСКОТО КВАЗИ НОВИНАРСТВО (од денешната пресконференција на Заев):

(ЛЕВО): Љупчо Златев, новинар на Сител ТВ, со кривична пријава за злоупотреби на парични средства од ЕУ фондови преку невладина организација “ПРОЕКТ ЕУ” создадена од Златев и лоцирана на неговата домашна адреса “Младост бр. 34″ во населба Глишиќ, Кавадарци

(СРЕДИНА): Александар Спасовски Сарма, новинар на Сител ТВ, 2008 година осуден за дилање дрога во основно училиште во Горно Лисиче, Аеродром.

(ДЕСНО): Новинар на Инфомакс (Александар Митевски), сопруг на Наталија Ивчева(сопственик на Инфомакс) – портал кој од Владата на Груевски за 3 години доби преку 1.100.000 евра.

Ова не се професионални новинари, туку партиски поттрчковци и слуги на криминалците од ДПМНЕ”.

Покрај лагите во текстот и навредите упатени кон новинарите за кои мора да реагираат новинарските здруженија во постот има и безбедносна компонента за која мора мерки да преземе и одделението за интернет криминал при МВР и Јавното обвинителство по допрен глас.

Имено објавување на лична адреса на новинарот Љупче Златев практично може да значи јавна потерница по него. Таа може да е упатена до членови и симпатизери на СДСМ кои не се толерантни за критиките кон партијата и премиерот Заев.

Како функционира овој опасен систем најдобро видовме со заканите од обезбедувач и член на избирачки одбор на СДСМ кој пред две недели му се закануваше на Бранко Героски дека ќе го фрли во Вардар.

Ако владата во најбрз рок не ги открие луѓето што стојат за оваа страница што става во опасност новинари тогаш ќе потврди дека нападите се упатени по налог на СДСМ и самата влада.

Домашната адреса на Златев можат да ја имаат официјални државни органи или некој што знае се за него и решил во опасност да ги доведе и неговите најблиски.

Доколку владата реши да ги премолчи заканите по новинарите тогаш и тие што ги упатуваат заканите и тие што издаваат налози за напади треба да бидат подготвени да одговараат за своите постапки.

Скопје и Македонија се мали места а интернетот уште помало, никој не може да се скрие од технологијата, и затоа треба да знаат дека заштитата од власта е минлива работа.

Еден ден, кога и да биде тоа, тој што ја открил домашната адреса на новинар и со тоа го ставил во опасност ќе мора да одговара.

Имаме доволно трпение и време на располагање. Ќе почекаме.

П.С.

До заканувачите:
Попусто ќе бришете постови. Се е документирано. Дигитално и визуелно.

SHARE