Обвинителка со обвинувања за Премиерот: Нарекол 5000 луѓе криминалци (ВИДЕО)

Откако и наредила на полицијата да се оддалечи и да не ги попречува работите за поставување на водоводниот систем во селото Синичане општина Боговиње, а откако полицијата не го спровела нејзиниот збор, обвинителката Лејла Кадриу телефонски искомуницирала со премиерот Оливер Спасовски кој според Кадриу ги нарекол жителите и обвинителката криминалци.

„Премиерот не даде никакво образложение зошто ја повлече полицијата, туку ми се обрати дека ние тука сме криминалци. 5 илјади жители кои протестираат тука, во време на пандемија, кога цел свет носи маски, кога мијат раце по 50 пати на ден, премиерот не нарече криминалци, и жителите кои протестираат тука и мене.“, рече Кадриу пренесува ТВ21.

ТВ21 – Вас Ве нарече криминалец?

-Да, дека јас како обвинителка сум ги бранела криминалците!-рече Кадриу.

Премиерот Оливер Спасовски ги отфрли тврдењата на обвинителката. За ТВ21 тој тврди дека на телефон му се јавила самата обвинителка а тој и рекол дека нема потреба да се јавува кај премиерот и дека има главен обвинител со кого треба да зборува.

Спасовски за ТВ21 вели дека ги поддржува жителите на Синичане за решавање на нивните проблеми, а додава дека ова решение ќе дојде во законски рамки, со потребната документација, проект и дозвола за изградба од страна на Општината. Владата е подготвена да помогне во се што е во интерес на граѓаните, вели Спасовски.

Доколку се потврди дека Спасовски се вмешал во работата на јавен обвинител тоа ќе биде сериозен удар врз македонските власти за кои поделбата на извршната и судската функција е еден од главните предуслови за почеток на преговори со ЕУ.

SHARE