Очекувам ова да биде наш ден, да биде убав ден, вели капитенот на одбојкарите пред дебито на ЕП

Капитенот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Ѓорѓиев, внесува оптимизам пред дебито на европските првенства попладнево од 17:30 часот против Финска во Љубљана.

„Уживаме, но не сакаме да бидеме само обични учесници, сакаме и да победуваме. Нема што да се плашиме од Финска, тоа е добра репрезентација, но од наш ранг. Треба да бидеме агресивни, да ги намалиме грешките, да се бориме за секоја топка. Тие играат мудро, но имаат проблеми со високите топки. Очекувам ова да биде наш ден, да биде убав ден“, изјави најдобриот македонски одбојкар пред стартот на 31. ЕП.

Покрај дуелот со Финците, за кои ова е 18. учество на шампионатите на стариот континент, на кои најголем успех им е четвртото место во 2007 година, избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ во групата Ц ќе играат и со Турција утре од 17:30 ч., со бранителот на титулата Русија в сабота од 17:30 ч., со Белорусија в понеделник од 20:30 ч. и со домаќинот Словенија во вторник од 17:30 ч.

Четирите најдобри селекции од групата во осминафиналето ќе вкрстат со првите четири од групата А во која се Бугарија, Франција, Грција, Италија, Португалија и Романија.

SHARE