Во март 2013 година Хорхе Марио Бергољо беше избран за 266. папа на Римокатоличката црква, по што стана папа Франциско. 
Роден на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, Аргентина, Бергољо е првиот папа од Американскиот континент.

Папата Франциск е дете на италијанските имигранти Хосе Марио Франциско Бергољо и Реџина Марија Сивори.

Учел средно технолошко и добил диплома за хемиски техничар. Пред да им се приклучи на језуитите, Бергољо работел како вратар, а работел и во лабораторија.

Наклонетоста кон свештенството папата ја открил кога одел на прослава на Денот на пролетта. Поминал покрај црква за да оди на исповед и бил инспириран од свештеник. Бергољо учел на архиепископската богословија „Инмакулада Консепсион семинари“ (Inmaculada Concepción Seminary) во Вила Девото, Буенос Аирес, Аргентина. Три години подоцна, на 11 март 1958 година, тој влегол во редот на језуитите.

Бергољо има признато дека додека бил ученик му се допаѓала девојка која ја сретнал тогаш и кратко се двоумел дали да продолжи со религиозната кариера. 
Како нов језуит, тој студирал хуманистички науки во Сантијаго, Чиле. По учењето во „Друштвото на Исус“, Бергољо официјално станал језуит на 12 март 1960 година. 
Истата година тој зел диплома за филозофија од „Колехио Максимо де Сан Хосе“ во Сан Мигел, Аргентина. Од 1964 до 1965 година предавал литература и психологија во средното училиште „Колегио де ла Инмакулада Консепсион“ во Санта Фе. Во 1966 година ги предавал истите предмети во „Колегио дел Салвадор“ во Буенос Аирес. 
Во 1967 година Бергољо ги завршува студиите по теологија и на 13 декември 1969 година бил ракоположен за свештеник. Тој студирал на Филозофско-теолошкиот факултет во Сан Мигел. Служел како учител на дојденците во провинцијата таму и станал професор по теологија. 

Последната фаза од неговата духовна обука како језуит ја завршува во Шпанија. Во 1973 година Бергољо бил именуван за провинциски игумен на „Друштвото на Исус“ и на таа функција бил до 1979 година. 
Во 1980 година Бергољо бил поставен за ректор на Филозофско-теолошкиот факултет во Сан Мигел. Пред да стапи на функцијата, тој минал три месеци во Ирска за да научи англиски, а потоа се вратил во Аргентина и бил ректор до 1986 година.
Потоа Бергољо оди на истражувачки престој во Филозофско-теолошката висока школа „Санкт Георген“ во Франкфурт, Германија, за да ги разгледа можностите за темата на неговата докторска дисертација, која не ја довршил.

Покрај италијански, тој течно зборува и шпански и германски, а се служи и со англискиот, францускиот и португалскиот јазик. Покрај тоа, додека студирал, тој учел и латински и старогрчки. 
Бергољо е фан на фудбалскиот клуб „Сан Лоренцо де Алмагро“. Тој ги сака филмовитеи тангото, со наклонетост кон традиционалната аргентинска и уругвајска музика позната како милонга. 
Покрај аргентинското, папата има и италијанско државјанство, а откако беше избран за кардинал, доби и ватиканско државјанство. 
Папата Франциско е прв во многу работи. Покрај тоа што е првиот папа језуит, тој е и првиот папа од Новиот свет, првиот папа што не е од Европа (од осмиот век) и првиот папа што дошол на место на жив папа (во повеќе од 600 години). 

Папата Франциско е познат по неговата едноставност. Во Буенос Аирес тој користел јавен превоз, сам си готвел и живеел во мал стан. Кога бил назначен за кардинал, Бергољо наводно побарал од стотици Аргентинци да им ги донираат на сиромашните парите што сакале да ги потрошат за да летаат со него до Рим.

Извор: Факултети.мк