Од Софија ништо ново – пишува Проф. Далибор Јовановски

Новата т.н. Рамкова позиција на Бугарската влада за поддршка на Македонија за членство во ЕУ во суштина јасно ги оцртува позициите кои преовладуваат кај политичката и интелектуалната елита кај нашиот источен сосед.

Анализирајќи го текстот може да забележиме дека болна точка за Бугарија е признавањето на Атина на постоење на македонски јазик (како дел од јужнословенската јазична група), а тоа го забележавме и со ставот на Бугарската академија на науките дека македонскиот јазик едноставно не постои, бидејќи е дијалект на бугарскиот.

Кон ова треба да ја додадеме и Декларацијата на Бугарското собрание за поддршка на македонското членство во ЕУ. Да не зборуваме за изјави на бугарски интелектуалци и дипломати во кои се негира посебноста на Македонците и на македонскиот народ.

Бугарија веќе јасно стави до знаење дека ќе се обиде да става фуснота кога е во прашање македонскиот јазик како “официјален јазик на Република Северна Македонија”, нагласувајќи дека тој е поврзан со бугарскиот јазик.

Овие ставови на владата во Софија не се случајни, ниту пак нови. Секој кој ја следи бугарската политика во однос на Македонија и Македонското прашање беше убеден дека до ова ќе дојде, бидејќи тоа е единствената шанса на Бугарија да ја наметне својата волја и позиција врз Македонија.

Во последните 20 години во соседна Бугарија излегоа барем четири документи во кои се разработува нивната позиција во однос на нашата држава. Јазичниот спор кој се појави во 1992 година со бугарското одбивање да се потпишат меѓудржавни договори помеѓу двете соседни земји не беше нешто неочекувано.

Соседна Бугарија уште од шеесеттите години на минатиот век има јасен став за непризнавање на македонскиот јазик како посебен и за заедничко славење на историските настани и личности, но не како заеднички, туку како бугарски.

Како што јазичниот спор се развиваше, така во соседството започнаа да се прават стратегии и документи за односите со Македонија.

Во 1997 година како реакција на макеоднското инсистирање во односите со Бугарија, особено при склучувањето на меѓудржавните договори, да се користи македонскиот јазик, софискиот Македонски научен институт, издаде Меморандум по повод јазичнниот спор.

Во овој памфлет, авторите се обидуваат да докажат дека македонскиот јазик е вештачки исто, како и македонската нација и тој е обичен бугарски дијалект. Составувачите на Меморандумот даваат краток историски осврт со забелешка дека македонската нација е конструкција на Коминтерната, создадена на антибугарска основа.

Тука може да прочитаме каков бил, според авторите, теророт врз бугарското население во рамките на новосоздадената македонска држава, се спомнуваат илјадници Бугари кои биле репресирани и убивани од комустичките власти.

За македонскиот јазик се користи терминот политички јазик и, што е понтересно, името на јазикот бил чист плагијат, бидејќи името било земено од јазикот на античките Македонци, кој исчезнал и за кој многу малку се знае.

Се што било направено за македонскиот јазик, за авторите е алхемија. Памфлетот е дополнет со податоци од странски автори во кој се гледа бугарскиот карактер на Македонија.

Што се однесува до македонските научници, тие се напаѓани како да се српски слуги. Па така професорите Људмил Спасов и Атанас Вангелов се обвинети како блажеконевисти дека се противат на секоја реформа на јазикот.

Доколку авторите прочитале што Спасов и Вангелов пишуваат, сигурно немале да ги споменат во негативна конотација.

Меѓутоа кога ќе се погледне европската лингвистичка карта, некако аргументите на авторите на авторите на Меморандумот паѓаат во вода.

Прво славистиката го има признато македонскиот јазик како посебен, а и во Бугарија постојат извори каде се споменува постоење на македонски јазик уште пред да биде формирана македонската држава.

Сличноста на двата јазика воопшто не е аргумент за соседната држава. Постојат многу примери за слични јазици – српскиот и хрватскиот, чешкиот и словачкиот, рускиот и украинскиот, данскиот и норвешкиот итн. Тие дури се и послични меѓусебе, па никој не ја спори нивната посебност.

Што се однесува, повторно до јазикот, за составувачите на Меморандумот македонскиот јазик има илјадагодишна бугарска историја, тој е бугарски дијалект, кој во 1944 година бил деконструиран од бугарскиот книжевен јазик.

Авторите не забораваат да потсетат дека Бугарија е таа која прва ја призна независноста на Македонија, и помогна за време на грчкото ембарго, одби поделба на државата и сл. Тука се во право, но забораваат дека ние тоа го цениме и сме им благодарни за нивните потези во тој временски период.

За подобро да бидете информирани, овој институт во 1998 година издаде две книги. Едната посветена на Крсте Мисирков во која тој е прикажан како побркана личност, талкајќи е помеѓу бугарскиот и македонскиот идентитет.

Втората е посветена на Блаже Конески со наслов: Скопската икона – Блаже Конески. Македонски лингвист или српски политработник во која меѓу другото Конески е претставен како српски тројански коњ во работата на Комисијата за кодификација на македонскиот јазик.

Меморандумот за јазикот не беше единствена бугарска платформа или анализа за односите со Македонија.

Истата 1997 година Научниот центар за Бугарска национална стратегија ја објави Бугарската национална доктрина под наслов Бугарија во дваесет и првиот век.

Во оваа доктрина може да забележиме дека Македонија се третира како бугарска област, со сите познати бугарски тврдења во однос на Македонското прашање.

Мошне интересен е вториот дел од оваа доктрина, објавен во 2008 година. Тука, а тоа е после зачленувањето на Бугарија во Европската унија, повеќе од јасно е нагласено дека Македонија е историска бугарска земја.

Во овој документ повторно се говори за вештачката македонска нација, а Македонците се вбројуваат за Бугари надвор од Бугарија или како некој вид на дијаспора.

Интересно е да се забележи дека според оваа доктрина бугарската држава треба да се заложи за правото на македонските Бугари за самоопределување, занемарувајќи го фактот дека Македонците веќе во огромен број немаат намера така да се декларираат. Затоа пак во игра влегува бугарското државјанство.

Овој стратегиски центар во 2000 година во авторство на Веселин Трајков објави една помала студија со наслов “Националните доктрини на балканските земји” во која нема ништо за Македонија.

Дали намерно е испуштена Македонија или пак забележале дека нашата земја нема национална доктрина е интересно прашање, на кое, во македонскиот случај, сите треба да одговориме.

Сепак, треба да признаеме дека покрај фактот што Бугарија и тамошните институции не сакаат да не забележат, за одредени недостатоци вината е кај нас.

Непосредно по бугарското зачленување во Европската унија се појави и стратегијата за односите на Бугарија кон македонската држава од софиската фондација Манфред Вернер со наслов Бугарската стратегија кон Република Македонија.

Оваа стратегија е интересна бидејќи во неа, покрај сите познати бугарски ставови за Македонија, Македонците и Македонското прашање може да забележиме идеи кои денес се актуелни, а се поврзани со историјата и нејзиното толкување.

Според составувачот, кој патем е математичар, заради политиката на македонските влади самото име на државата Република Македонија создало проблеми во односите со источниот и јужниот сосед, бидејќи имплицирало територијални претензии.

Во Рамковата позиција на бугарската влада денес може да забележиме дека се бара гаранции името на државата Северна Македонија да не претставува иредентизам кон Пиринска Македонија, која е северен дел од регионот Македонија.

Како најава на тоа што денес го гледаме во работатата на мешовитата македонско – бугарска комисија за историја во оваа стратегија е наведено „ Корегирање на учебниците по историја” кои целосно ја фалсификуваат историјата и содржат навредливи квалификации за бугарската држава и нација, кои се граничат со отворен расизам.

На бугарско барање, во учебниците, официјално одобрени од надлежните органи на Република Македонија, изрично да биде истакната бугарската народносна припадност (утврдена од светската историска наука) на истакнати фигури од нашата заедничка историја како Св. Климент Охридски, Цар Самуил, браќата Миладин овци, Гоце Делчев“.

Во стратегијата се посочуваат начини на кој би се зајакнала бугарската позиција во односите со нашата држава.

Доколку ги знаеме овие позиции на бугарските научници, институции и фондации, тогаш политиката на владата во Софија не е никакво изненадување.

Односите поносењето на Рамковата позиција на бугарската влада влегуваат во една нова фаза во која тешко може да дојде до вистински дијалог и обид за разрешување на недоразбирањата.

Во Грција влијателната фондација ЕЛИАМЕП веднаш изработи анализа за новата позиција на бугарската влада во која јасно е наведено дека ниту една бугарска влада во иднина нема да се повлече од овој документ, ниту пак некоја македонска влада истиот ќе го прифати.

Кој доби од овој документ? Ниту Бугарија, ниту Македонија, туку некој друг.

На крајот на читателите им посакувам многу здравје, среќа, радост и успех во Новата година.

Далибор Јовановски

(авторот е професор на Институтот за историја на Философскиот факултет при УКИМ и член на Македонско – грчката комисија за историја)